Пендаровски: Искрено се надевам дека следната недела лидерите на ЕУ конечно ќе го исполнат своето ветување

од Берта Китинска

Претседателот на државата Стево Пендаровски изрази надеж дека од ЕУ следната недела ќе добиеме датум

-Искрено се надевам дека следната недела во Брисел, лидерите на Европската Унија конечно ќе го исполнат своето ветување од март 2020, кога Советот за општи работи едногласно донесе одлука во најбрз можен рок да почнат пристапните преговори со Северна Македонија, истакна Пендаровски на заедничката прес-конференција со претседателот на на Европскиот совет Шарл Мишел во Охрид.

-Денес разговаравме за тоа дека со пролонгирање на македонските евроинтеграции се разнишува кредибилитетот на Европската Унија што истовремено значи и опаѓање на нејзиното влијание меѓу нашите граѓани. Условувањето од страна на земја членка кон земја кандидат за членство од билатерални причини не само што флагрантно го прекршува ветувањето за европска иднина на земјите од западниот Балкан, туку може и целосно да ја компромитира политиката на проширување и да прерасне во опасен преседан кој ќе стави крај на овој процес кој, инаку, со години беше сметан за најдобра надворешна политика на Унијата, истакна Пендаровски.

Проектот за обединета Европа, според него, отсекогаш содржел и јасен геополитички аспект. Но во овие моменти на војна на континентот, рече тој, таа негова димензија е посебно нагласена.

-Затоа, за опстанок на политиката на проширување на Европската унија, неопходна е зголемена геополитичка одговорност особено кај земјите членки на ЕУ. Наспроти реалните разочарувања и заморот од чекањето за пробив на европскиот пат, за нашата посветеност, меѓу другото, најсилно зборуваат две работи: од една страна, нашето целосно, 100-процентно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и приклучување кон сите пакети на санкции кон Руската Федерација, а од друга – Европската Унија и понатаму е нашиот далеку најважен трговски партнер, обезбедувајќи поддршка и финансиска помош за спроведување на неопходните реформи. Остануваме во исчекување на заедничкиот состанок на лидерите на Европската Унија и на Западниот Балкан, кој ќе се одржи 23 јуни во Брисел, а за кој мојот денешен гостин исцрпно ме информираше, нагласи претседателот на државата.

Слични содржини