Пендаровски: Корупцијата кај политичарите треба построго да се казнува

од Aleksandar Todeski

На заедничка иницијатива на министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Хајко Мас и претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска во Кабинетот на Претседателот „Вила Водно“ се одржа дебата на тема „Тековни состојби и предизвици во реформите во сферата на правната држава“.

 На дебатата на која, покрај претседателот Пендаровски и министерот Мас, учествуваа претставници на државните власти, на правосудните органи и претставници на надлежни институции во оваа област, се дискутирало за тековните реформи во сферата на функционирањето на правната држава, вклучувајќи ги судските реформи, борбата против корупцијата, а во согласност со дефинираните стратешки приоритети во рамките на евроинтегративниот процес на Република Северна Македонија.

Претседателот Пендаровски, како што соопштуваат од неговиот кабинет, во своето обраќање рекол дека функционалната правна држава е основен услов за опстанок на поредокот и неговиот одржлив развој и посочи дека реформите во сферата на владеењето на правото и правната држава не треба да ги правиме за да ги задоволиме формалните критериуми за членство во ЕУ, туку за да ја вратиме довербата на граѓаните во сопствената држава и нејзините институции.

Претседателот изрази поддршка, но и барање од институциите неселективно да се борат против корупцијата, а особено против високата корупција.

„Сметам дека корупцијата кај политичарите треба построго да се казнува бидејќи вршењето јавна функција носи посебна одговорност, а државната власт и ресурсите треба да се користат исклучиво за јавниот интерес, а не за остварувањето на партикуларни или лични интереси“, истакна Претседателот.

Претседателот Пендаровски се осврна и на случајот „Рекет“ за што подвлече дека во очите на многумина ги дискредитирал напорите за обнова на правната држава после клептократскиот систем воспоставен од поранешната влада, додека за случаите врз коишто работеше поранешното Специјално јавно обвинителство, оцени дека е позитивно што се активни и продолжуваат да се процесуираат од редовното Јавно обвинителство. Во тој контекст, Претседателот подвлече дека е важно да не се дозволи преку застарување да се случи „скриена амнестија“ на сторителите на тешки кривични дела поврзани со високата корупција.

Претседателот Пендаровски побара новиот Закон за јавно обвинителство да биде изработен според највисоките европски стандарди, образложувајќи дека е подобро темелно да се изработи, отколку да се брза и преку непринципиелни политички компромиси да се компромитира борбата со високата корупција. Тој ги поздрави носењето на новиот Закон за спречување на корупцијата и судир на интереси и транспарентноста на постапката со којашто се конституираше новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата, изразувајќи очекување за активна и неселективна работа на Комисијата, врз основа на законите и заснована врз докази.

Претседателот Пендаровски повика интензивно да се користи експертската помош што ја нуди Германија во делот на реформите во сферата на правната држава, како преку проекти финансирани од ЕУ, така и преку билатералната соработка.

Министерот Мас посочи дека Сојузна Република Германија ќе продолжи видливо да ја поддржува Северна Македонија на патот кон Европската унија, бидејќи, нагласи, тоа е вистинскиот пат.

На дебатата, покрај претседателот Пендаровски и министерот Мас, учествуваа министерката за правда, Рената Дескоска, претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати, јавниот обвинител Љубомир Јовески, претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер-Дамјановска.

Слични содржини