Пендаровски: Маестро Џамбазов трајно ја задолжи македонската музичка уметност и култура

од Nikola Popovski

Претседателот Стево Пендаровски вечерва се прости од легедарниот композитор и диригент Александар Џамбазов.

-Маестро Александар Џамбазов трајно ја задолжи македонската музичка уметност и култура. Ќе остане запаметен како основоположник на фестивалот на забавни мелодии „Скопје“ и како иницијатор и долгогодишен диригент на еден од најстарите детски музички фестивали во Европа, „Златно славејче“, со што претставува еден од втемелувачите на македонската детска и популарна музика, објави Пендаровски.

Пендаровски, меѓу другото вели дека Џамбазов беше подеднакво успешен и како автор на класична, хорска, филмска, театарска, детска и поп музика.

-Македонската музичка уметност и култура загубија голем композитор и врвен диригент, кого го красеше ведар и благороден дух. Нека му е вечен споменот и нека почива во мир, истакна Пендаровски.

Џамбазов почина денеска во Скопје на 85-годишна возраст.

За својата работа доби над 40 награди и признанија во Македонија и Југославија, меѓу кои и државната награда „11 Октомври“ и наградата на Град Скопје „13 Ноември”.

Слични содржини