Пендаровски на Парискиот мировен форум: Излезот од глобалната криза за Западен Балкан е брзата интеграција во ЕУ

од Nikola Popovski

Претседателот Стево Пендаровски, денеска во рамки на неговото учество на 5. издание на Парискиот мировен форум се обрати на панел на којшто се дискутираше за решенија за надминување на кризите.

Претседателот Пендаровски, заблагодарувајќи се за можноста да се обрати и да зборува за прашања кои се важни за регионот и неговата стабилност, истакна дека во изминатите месеци е разбирливо што сите зборуваме за безбедносната состојба во Украина поради руската агресија таму, но дека темата за безбедност е доста позната за Западниот Балкан со оглед на неговата модерна историја.

Кога се зборува за решенија на кризите, претседателот рече дека решение за системската криза којашто сѐ уште тлее во регионот на Западен Балкан е да имаме поголемо европско присуство во регионот. Некогаш работите изгледаат како да сме заборавени од Унијата и без напредок на земјите кон Унијата, додаде тој.

Претседателот посочи дека Северна Македонија го отпочна процесот на пристапување кон Унијата и дека е во тек скрининг процесот којшто треба да трае до крајот на идната година, а потоа, нагласи, дека можеме да зборуваме за следните фази од процесот на пристапување кон ЕУ.

Претседателот се осврна на нашиот регион за кој рече дека има споделени предизвици, дека демографските трендови не се поволни и притоа порача дека е потребно да се инвестира повеќе за младите луѓе, со цел да имаат повеќе можности за успех дома во своите земји. Тој додаде дека ни е потребно поголемо европско присуство постојано, а не само кога има кризни случувања.

Во однос на Европската политичка заедница, претседателот Пендаровски го повтори неговиот став дека таа треба да биде инструмент што ќе ни помогне во процесот на пристапување кон ЕУ, а не само дебатен клуб или пак замена за членството во Унијата, затоа што веќе се соочуваме со трендови на зголемување на евроскептицизмот и над 20% пад на поддршката за пристапувањето кон ЕУ. Тој дополни дека членството на Северна Македонија во ЕУ не е потребно само за зајакнување на економијата, унапредување на трговската размена и подобрување на животниот стандард, туку дека е потребна и политичка интеграција во институциите на ЕУ, како и демократски развој, зајакнување на институциите, владеење на правото и слободни медиуми.

Одговарајќи на прашањето за можностите за евроинтеграција на Украина, претседателот истакна дека земјава дава поддршка за членство на Украина во ЕУ и дека тој својата поддршка ја покажа и со писмо упатено до претседателот Зеленски. Претседателот истакна дека и покрај состојбата во која се наоѓа Украина, добивањето на кандидатски статус е силна политичка порака од Унијата, стратешки поглед на ЕУ, солидарност и подготвеност да се демонстрира заедништвото на Унијата со украинскиот народ.

Претседателот Пендаровски учествува на 5. издание на Парискиот мировен форум во рамки на кој има и повеќе средби со шефови на држави, учесници на форумот.

Слични содржини