Пендаровски: Не смееме да тргуваме со правдата

од Nikola Popovski

За правдата не се доволни само законите, политичките одлуки и институции. За правда е потребна промена на свеста. Затоа, сите ние, политичари, судии, обвинители, правобранители мора да се согласиме околу една работа, а тоа е дека не смее да се тргува со правдата. Ако една генерација ја изгуби вербата во правдата, таа ја изгубила довербата во државата, порача претседателот Стево Пендаровски на одбележувањето на 15-годишнината од формирањето на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев”.

Тој нагласи дека за судството да биде заштитено од потенцијални политички и економски влијанија, независноста треба да биде не само формално-правна, туку функционална и финансиска.

-Мора да се вложува во квалитетни кадри кои непристрасно, професионално и ефикасно ќе ја извршуваат функцијата. Назначувањето и унапредувањето на судиите и обвинителите мора да биде целосно деполитизирано и да се врши според транспарентни процедури и објективни критериуми, втемелени врз системот на заслуги. Токму во тоа ја гледам улогата на Академијата за судии и јавни обвинители која има клучна улога во процесот на подготовка и континуирано професионално усовршување на судско-обвинителските кадри, рече шефот на државата во поздравното обраќање.

Тој нагласи дека довербата во правосудството многу значи и во процесот на граѓанско и национално помирување.

-Речиси секоја од страните во нашето поделено општество тврди дека е жртва на некаков вид на неправда и двојни аршини, односно, дека во државата во која сите се декларативно еднакви, во стварноста, некои се поеднакви од другите. Единствено, владеењето на правото поддржано од транспарентноста на институциите може да ги коригира реалните неправди и истовремено да ги демантира неоснованите тврдења, потенцира Пендаровски.

Носејќи праведни пресуди втемелени врз фактите и вистината, посочи, сегашните и идни судии и обвинители ќе ја засилат перцепцијата на граѓаните дека нема недопирливи пред законот.

Слични содржини