Пендаровски: Неопходни се напори кон развивање дигитална писменост и вештини кај граѓаните

од Nikola Popovski

За претседателот Стево Пендаровски, парадигмата на препознавање можности и во најголемите кризи, денес ни е потребна повеќе од кога било порано. Тој во обраќањето на јубилејниот 10. Самит на Македонија2025 чија клучна тема е дигитализацијата, укажа и на најновите податоци на Евростат од 2020 година кои покажуваат дека просекот на дигитализација и дигитални вештини во Северна Македонија е само 32 отсто, додека во ЕУ е 56 проценти.

-Иако огромен број од нашите граѓани имаат пристап до интернет, најголем дел од нив го користат претежно за информирање и комуницирање преку социјалните медиуми. Неопходно е да ги насочиме нашите напори кон развивање дигиталната писменост и вештини зашто тие веќе станаа незаменлив критериум за рамноправно вклучување во глобалниот пазар на трудот, потенцира Пендаровски.

Осврнувајќи се на тековната глобална рецесија предизвикана од пандемијата, Пендаровски напомена дека според својот интензитет и опфат таа ги надминува ефектите на финансиската и кредитна криза од 2008 година.

-Оваа, да ја наречам, концентрација на кризи, како и на многу други места во светот, ги покажа нашите структурни и системски слабости. Ќе ја спомнам само актуелната енергетска криза што прави дополнителен притисок врз економијата, компаниите и врз граѓаните, затоа што сме високо енергетски зависни од увоз. Соочени со сево ова, ние имаме само една опција. Наместо да чекаме да завршат турбулентните случувања, треба со двојна енергија да работиме на преобмислување на постулатите на нашиот економски раст и развој. Во тој поглед не сме единствени. Многу национални стратегии и планови ќе мора да бидат ревидирани и прилагодени на новата реалност, за полесно и поодржливо пост-КОВИД закрепнување, истакна Пендаровски.

Слични содржини