Пендаровски се надева дека Шпанија ќе го ратификува Протоколот за НАТО до крајот на декември

од Vladimir Zorba

Претседателот Стево Пендаровски денеска изјави оти се надева дека Шпанија ќе го ратификува Протоколот за нашето членство во НАТО до крајот на декември, и оти за тоа во изминатиот период имал повеќе формални и неформални комуникации.

Во однос на тоа дали кога ќе заврши ратификацијата во Шпанија и нашиот Парламент ќе успее да го ратификува Протоколот, до неговото распуштање на 12 февруари, Пендаровски вели дека е поважно да се фокусираме на она што се случува во Шпанија.

– Да не се исцрпуваме толку во правно толкување дали може или не може да не може. Треба да се сконцентрираме на тоа што се случува во Шпанија. Таму има некаков почетен успех за нова коалиција на власт. Двете најголеми партии потпишаа Меморандум за разбирање, меѓутоа им требаат еден или два политички субјекти за да оформат мнозинство. Факт е дека шпанскиот Парламент сега е подиверзифициран отколку што беше пред овие избори, и дека веројатно по дефиниција потешко ќе состават влада. Сосема е небитно дали ќе биде јануари, февруари или март. Оној момент кога Шпанците ќе ратификуваат останува само нашата одлука бидејќи и ние треба да ратификуваме за да конечно депонираме во Вашингтон, вели Пендаровски.

Рече дека во изминатиот период имал формални и неформални комуникации со сите кои можеа да помогнат во оваа ситуација.

– Неодамна разговарав на оваа тема во однос на тоа дали некој може да ни помогне во оваа техничка ситуација во Шпанија, и со бугарскиот цар Симеон Втори, кој целиот свој живот го помина во Шпанија, шпански државјанин е и има исклучително добри конекции со владејачката структура. Тоа е неформална комуникација, меѓутоа сакавме навистина да бидеме сигурни како држава дека се што е до нас сме направиле и очекуваме добри вести, изјави Пендаровски.

Рече дека никој не може да оди преку уставните лимити, но и натаму ќе се обидуваат како држава на секаков можен начин да се случи ратификацијата.

– Во два наврати разговарав и со Хавиер Солана кој е еден од патријарсите на шпанската политика, меѓутоа очигледно дека засега тие политички уставни лимити таму се такви што не можат да бидат пречекорени, но и натаму ќе се обидуваме на некаков можен начин и со техничка Влада и со технички Парламент ако е возможно технички да се случи таа ратификација бидејки нам тоа многу ни значи, бидејќи со тоа ја затвораме најважната стратешка цел која ја чекаме од 1993 година, оцени Пендаровски.

Слични содржини