Пендаровски-Штајнмајер: Германија останува наш најзначаен економски партнер

од Nikola Popovski

Претседателот Стево Пендаровски денеска со највисоки државни и воени почести го пречека претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер, кој престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.

Во рамки на посетата, покрај тет-а-тет средбата, се одржа и пленарен состанок на официјалните делегации на Северна Македонија и Германија, по што претседателите Пендаровски и Штајнмајер одржаа заедничка прес-конференција.

-Сојузна Република Германија е еден од нашите најблиски сојузници и најсигурни партнери, а германските власти веќе три децении, во континуитет, ја демонстрираат посветеноста кон нашата држава и нашиот регион.

Во делот на економијата, Германија останува наш најзначаен економски партнер, кој со години наназад е на првото место на листата, со трговска размена од повеќе од 4 милијарди евра на годишно ниво. Германското економско портфолио во Северна Македонија е импресивно, со околу 200 фирми со германски капитал, во кои работат над 15.000 луѓе. Со претседателот Штајнмајер се заложивме економската размена и инвестициите меѓу нашите држави да продолжат и во иднина и овие бројки да се зголемуваат, затоа што се од огромна важност за меѓусебната доверба и просперитетот на нашите граѓани. Не помалку важни се и областите на образованието, науката и културата, каде што нашите две држави остваруваат интензивна соработка, изјави меѓу другото Пендаровски на заедничката прес-конференција.

Слични содржини