Пендаровски-Штајнмајер: Градењето пријателски релации со Германија е од исклучително значење

од Nikola Popovski

Претседателот Стево Пендаровски за време на посетата на САД по повод неговото учество на 76. Генерално собрание на Обединетите нации, во Њујорк се сретна со претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмајер.

„Двајцата претседатели разменија мислења и информации за актуелните состојби во двете држави. Претседателот Штајнмајер изрази најдлабоко сочувство за трагедијата во тетовската модуларна болница“, се наведува во соопштението од кабинетот на Пендаровски.

Македонскиот претседател упатил благодарност до претседателот Штајнмајер за неговите лични напори и ангажман, како и за континуираната германска поддршка за нашата европска интеграција.

Претседателот Пендаровски нагласил дека градењето пријателски релации со Германија, основани на искрен и доверлив пристап, се од исклучително значење за Република Северна Македонија.

„Во тој контекст соговорниците разменија мислења и информации за најновите случувања поврзани со нашата европска интеграција и констатираа дека почнувањето пристапни преговори на Северна Македонија со Европската Унија позитивно ќе влијае на севкупната општествено-политичка клима кај нас и ќе значи дополнително стабилизирање на состојбите и просперитет на регионот. Соговорниците разменија мислења и информации за последните случувања во регионот на Западен Балкан“, се наведува во соопштението.

Слични содржини