Пендаровски: Составот на новaта влада да биде со чисти антикорупциски записи

од Берта Китинска

Од новата Влада очекувам целосно спроведување на ЕУ агендата во клучните области, рекол претседателот Стево Пендаровски кој денеска учествуваше и се обрати на Вебинар на тема „Геополитичките проблеми на Западен Балкан среде Корона криза; Евроатлантска перспектива“ организиран од Алумни асоцијацијата Маршал Центар на Република Северна Македонија, во партнерство со Маршал Центарот од Гармиш и Секторот за јавна дипломатија на НАТО.

„Основниот предуслов за успех е да се соберат највештите личности, без оглед на нивната политичка или етничка припадност. Очекувам да видам луѓе со силни проевропски и демократски капацитети, со чисти антикорупциски записи“, рекол Пендаровски.

Тој оценил дека недостатокот на ЕУ перспектива секогаш ги поттикнува алтернативните политички агенди и дека за време на пандемијата видовме многу вакви примери.

Пендаровски рекол и дека пандемијата од Ковид-19 фундаментално го промени целиот свет и предизвика огромен негативен ефект.

„Го посочи и притисокот врз нашиот здравствен систем, за кој рече дека беше исто така огромен, но за среќа ние не допревме до горните граници на неговите капацитети и успеавме да избегнеме колапс на националниот систем“, соопштија од Кабинетот на Пендаровски.

Претседателот се осврнал на дезинформациите и хибридните кампањи поврзани со Ковид-19 и нивното искористување и злоупотреба.

„Во ‘океанот од лоши вести’ добра вест беше што станавме членка на НАТО во март, што без сомнение е клучен стратешки чекор напред што го направи Северна Македонија во целата своја пост-комунистичка историја“, рекол Пендаровски.

„Тоа ни овозможи да ги искористиме механизмите за координација на НАТО и официјалните билатерални врски со другите земји-членки, со цел подобро да се подготвиме за кампањата на дезинформации која беше засилена кога влегувавме во предизборниот период“, истакнал тој.

Говорејќи за предизвиците со кои се соочува регионот, како и ЕУ во услови на корона-кризата, Пендаровски порачал дека регионот има потреба да има европска перспектива. Претседателот изразил очекување дека оваа есен ќе се постигне напредок во процесот на пристапување во ЕУ.

Слични содржини