Пендаровски: Треба да се декриминализира марихуаната

од Берта Китинска

Имам лична резерва кон создавањето на законски претпоставки за комерцијална продажба на марихуаната и сметам дека, прво, одлуката не треба да се носи брзо и второ, дека таа дебата треба да се води во стручните, а не во политичките кругови, вели претседателот  Стево Пендаровски во интервјуто за Дојче Веле.

На прашањето дали ќе заживее домашната економија Пендаровски  смета дека треба да се декриминализира марихуаната затоа што децении наназад ние се фокусиравме со ист интензитет на казнување.

-Пред извесен период премиерот ме запозна со некои од тие проекти и притоа заеднички констатиравме дека дел од нив можат да бидат потенцијално ризични во случај ако за нив нема поширока поддршка од стручната јавност и разбирање од граѓаните, но и ако не воспоставиме механизми за контрола на потеклото и патот на парите. Во првиот случај мој став е дека треба да се декриминализира марихуаната затоа што децении наназад ние се фокусиравме со ист интензитет на казнување и на оние кои ја користат дрогата за лични потреби и на оние кои ја дистрибуираат. Исто така, сметам дека веќе доцниме со заокружување на легислативата за производство и дистрибуција на маслото од канабис за медицински цели за што постои јасна стручно-медицинска поддршка. Меѓутоа, имам лична резерва кон создавањето на законски претпоставки за комерцијална продажба на марихуаната и сметам дека, прво, одлуката не треба да се носи брзо и второ, дека таа дебата треба да се води во стручните, а не во политичките кругови. При тоа, најбитно е во анализите да не биде калкулиран само економскиот профит, туку и евентуалните последици по здравјето на младите, како и можноста на тој начин да ја отвориме вратата за полесен влез на меѓународните нарко-картели во нашата земја. Во однос на легализацијата на готовите пари, исто така, треба да бидеме исклучително претпазливи и во тој дел, нашето законодавство мора да ги содржи сите заштитни механизми од борбата против перењето на пари кои ги имаат развиените земји-членки на ЕУ, повторувам – развиените земји-членки. Во спротивно, ризикуваме да го повториме негативно искуство на некои европски држави и да дозволиме влез на огромни суми валкан капитал кои носат негативен меѓународен имиџ на земјата, но, што е далеку поважно, потоа добиваат можност да ја контролираат и политиката и нашите животи, вели Пендаровски.

Слични содржини