Пендаровски-Вучиќ: Скопје и Белград имаат многу добри односи и поголема доверба од порано

од Ивана Рамаданова

Белград и Скопје имаат многу добри односи, со поголема доверба од порано и со подобрена економска соработка и тие односи ќе одат само во подобра насока, истакна претседателот на Србија, Александар Вучиќ на денешната заедничка пресконференција со неговиот колега, Стево Пендаровски.

„Во политичките односи, освен различни погледи за независноста на Косово, немаме други отворени прашања. Сакаме да ги градиме најблиските пријателски односи.  Со претседателот Пендаровски имавме отворен разговор за сите клучни прашања во билатералните односи на двете земји, регионалните иницијативи и клучните регионални прашања“, изјави Вучиќ.

Тој потсети на Новосадската и Охридската иницијатива и нагласи дека е горд на договорот постигнат меѓу Северна Македонија, Албанија и Србија.

„Знам дека не е најпопуларен, но мислам дека е иднината. Не само за нашиот регион. Паметен избор е да се преживее во ситуација кога не знаете како оди Европа. Не да се понуди алтернатива, затоа што не е за споредба, но ние имаме обврска да го направиме сами она што можеме. Затоа сум задоволен од иницијативата и уверен сум дека тоа ќе донесе просперитет на овие земји и нации, рече Вучиќ.

Според него, економската соработка меѓу двете земји напредува и оти трговијата се очекува да биде близу една милијарда евра оваа година со регистрирано зголемување од 7,6 отсто оваа година.

Претседателот Пендаровски на пресконференцијата рече дека неговата посета на Србија е уште една потврда за односите на добрососедство и меѓусебно разбирање меѓу двете земји, но и уште една можност, како што рече, заеднички да ги потенцираме важноста и посветеноста на градењето, одржувањето и унапредувањето на меѓусебниот дијалог, како меѓу нас, така и пошироко во нашиот регион.

„Нашите земји и народи ги поврзува долга историска и културна традиција, а ја споделуваме и визијата за заедничка иднина во големото европско семејство. Оттука, контактите на највисоко ниво меѓу нашите две земји имаат посебно значење и даваат силен сигнал и за понатамошен развој на пријателството и соработката на сите други нивоа“, рече Пендаровски.

Тој истакна дека со Вучиќ разговарале и за француската иницијатива за нова променета методологија во водењето на претпристапните преговори со ЕУ.

„Јас уште еднаш го истакнав ставот на мојата држава дека за нас не постои друга одржлива алтернатива, освен полноправно членство во Унијата на крајот од овој процес. Европската интеграција на Северна Македонија останува долгорочна определба, мотивација за трансформација на општеството и имплементирање на највисоките европски стандарди. Во овој контекст ме радува фактот што и од Скопје и од Белград упатуваме јасни пораки дека Европската Унија не треба да заборави на западниот Балкан, за кој перспективата за членство во ЕУ е единствена гаранција за стабилност, сигурност и просперитет и всушност е единствена одржлива опција. Европската интеграција на регионот е најдобриот начин што ќе овозможи демократска трансформација на нашите општества, просперитет и зајакната регионална соработка“, рече претседателот Пендаровски.

На средбата со Вучиќ, Пендаровски изразил очекување дека со помош на меѓународната заедница и посебно западните партнери ќе бидат создадени услови за сериозен напредок во дијалогот Белград-Приштина, потенцирајќи дека решението кое ќе биде договорено мора да придонесува кон регионалната стабилност и безбедност без да задира во суверенитетот на другите држави во регионот.

 

Слични содржини