Пендаровски: Законот за дискриминација за идниот парламентарен состав да биде една од приоритетните точки

од Берта Китинска

Борбата за повеќе права и еднакви можности треба да продолжи додека и најранливите меѓу нас не ги уживаат основните човекови права и не прифатиме дека ние живееме едни со други независно од нашите разлики.

Положбата на ЛГБТИ-луѓето во земјава е се уште на незавидно ниво, многу од нив живеат во страв за општествената прифатеност и социјална положба, наведува претседателот Стево Пендаровски во пораката по повод по повод 17 Мај – Меѓународниот ден против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата.

– Меѓународниот ден против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата – 17 Мај оваа година, за жал, го дочекуваме по одлуката на Уставниот суд да го укине Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој стапи на сила пред една година. Законот за спречување и заштита од дискриминација беше огромен исчекор забранувајќи секаква дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло, национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа, наведува шефот на државата во пораката.

Претседателот Пендаровски натаму потенцира дека со овој закон се обезбедува професионална Комисија за спречување и заштита од дискриминација, преку зголемување на нејзината независност и надлежност.

– Очекувам идниот парламентарен состав, веднаш по конституирањето да го стави Законот како една од приоритетните точки во својата работа. Како земја која има аспирации да биде дел од семејството на современите евроатлантски демократии, не смееме да дозволиме да немаме ефикасна законска рамка која ќе ги штити маргинализираните заедници, соодветно на вредностите на отворено и демократско општество, истакнува претседателот Пендаровски во пораката по повод 17 Мај – Меѓународниот ден против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата.

Слични содржини