Пенс вели дека пандемијата ослабнува, статистиката го демантира

од Vladimir Zorba


Бројот на случаи на КОВИД-19 и смртни случаи во Соединетите Американски Држави постојано се намалува, рече потпретседателот на САД, Мајк Пенс, додека статистиката покажува дека се зголемил бројот на хоспитализирани во неколку американски држави, а експертите предупредуваат дека бројот на загинати би можел да се зголеми во наредните месеци.

„Ние гледаме постојан пад на бројот на хоспитализирани и што е уште поважно, постојан пад на бројот на загинати“, рече Пенс во петокот, тврдејќи дека Соединетите држави „повторно се отвораат на безбеден начин“.

Според Си-Ен-Ен, тој рекол дека неодамнешното зголемување на бројот на случаи на КОВИД-19 во некои земји е одраз на драматичното зголемување на обемот на тестирање, како и дека здравствениот систем има капацитети и ресурси потребни за да продолжи да се бори во можни нови жаришта на пандемијата.

Сепак, здравствените експерти посочуваат дека пандемијата не е завршена и дека сè уште е неопходно да се покријат устата и носот и да се држи социјалната дистанца.

Додека постепено се укинуваат рестриктивните мерки, бројот на оние хоспитализирани поради КОВИД-19 се зголеми во десетина американски држави помеѓу 25 и 9 јуни.

Според вчерашните податоци, бројот на ново заразени лица опаѓа во 21 сојузна држава, но сепак се зголемува во 17 други, од кои некои бележат многу висок, па дури и рекорден пораст.

Во Соединетите држави во последните 24 часа починаа 734 луѓе, со што се зголеми вкупниот број на 115.347, Универзитетот „Џонс Хопкинс“ го објави најновиот биланс и додаде дека заразени се повеќе од два милиони луѓе, објави денес АФП.

Водечкиот американски експерт за заразни болести, Ентони Фаучи, предупреди дека зголемувањето на бројот на хоспитализации на пациенти со коронавирус во некои држави може да излезе од контрола доколку не се воведе строг режим на следење на контакти со заразените.

Се очекуваше зголемување на бројот на заразени во САД со олеснување на рестриктивните мерки, изјави Фаучи за кабелската мрежа Си-Ен-Ен во саботата.

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп ја отфрли можноста за продолжување на економските активности во случај на втор бран на епидемија на коронавирус.

Слични содржини