Пентагон: Исламската држава може да ги нападне САД во наредните шест месеци

од Nikola Popovski

Американската разузнавачка заедница процени дека таканаречената Исламска држава во Авганистан би можела да ги нападне САД во следните шест месеци и дека има намера да го стори тоа, изјави денеска високиот претставник на Пентагон, Колин Кал.

Изјавите на потсекретарот на Министерството за одбрана Колин Кал се најновото потсетување дека Авганистан може да продолжи да претставува сериозна закана за националната безбедност на САД, пишува Ројтерс.

Во сведочењето пред Комитетот за вооружени служби на Сенатот, Кал рече дека сè уште не е јасно дали Талибанците имаат сила ефективно да се борат против Исламската држава, откако американските воени трупи се повлекоа во август.

Според Ројтерс, САД се бореле против талибанците, како и со таканаречената Исламска држава и Ал Каеда.

– Наша проценка е дека Талибанците и Исламската држава се смртни непријатели. Така што талибанците се многу мотивирани да ги нападнат – изјави Кал.

Кал процени дека таканаречената Исламска држава има „кадар од неколку илјади“ борци.

Вршителот на должноста министер за надворешни работи Амир Кан Мутаки од новата талибанска влада рече дека тие ќе се решат на заканата што ја претставуваат милитантите на Исламската држава.

Тој исто така изјави дека Авганистан нема да стане база за напади врз други земји.

Кал посочи дека Ал Каеда е покомплексен проблем во Авганистан, со оглед на нејзините врски со Талибанците.

Токму овие врски ја поттикнаа американската воена интервенција во Авганистан во 2001 година по нападите на Ал Каеда на 11 септември на Њујорк и Вашингтон, а Талибанците ги криеја лидерите на Ал Каеда, потсетува Ројтерс.

Слични содржини