Пентагон испраќа ракетен систем „Патриот“ во Словачка

од Vladimir Zorba

Соединетите Американски Држави испраќаат батерија „Патриот“ во Словачка, откако Украина го доби противвоздушниот систем S-300 од Братислава, објави американската телевизија ABC News. „По моја наредба и на покана на Словачка, американската европска команда ќе премести во Словачка еден ракетен систем „Патриот“, со кој управуваат припадници на американската армија. „Должината на нивното распоредување сè уште не е одредена, бидејќи продолжуваме да се консултираме со словачката влада за потрајни решенија за воздушната одбрана“, изјави американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин.

За таа цел во Полска е распоредена германска противвоздушна батерија „Патриот“ со седиште во Германија, а тој систем наскоро ќе биде преместен од Полска во Словачка за да го замени S-300, објасни висок претставник на американската одбрана за американската телевизија. За таков аранжман се зборува уште минатиот месец, кога словачкиот министер за одбрана Јарослав Наѓ изјави дека неговата земја е подготвена да го испорача S-300, кој датира од советската ера, на Украина, под услов словачката противвоздушна одбрана веднаш да се надополни, јави Танјуг.

По повеќекратните барања од Украина за помош во одбраната од руските воздушни напади, Словачка и го донираше својот систем за воздушна одбрана S-300 на Украина со цел да и помогне да се одбрани од руската агресија, изјави словачкиот премиер Едуард Хегер. Словачката армија претходно соопшти дека има околу 45 ракети за својот систем S-300.

Слични содржини