Пентагон: Русија има 62 батаљони на границата со Украина

од Milan1

Пентагон соопшти дека Русија и натаму трупа војска на границата со Украина, откако неделава таму се насобраа 62 батаљони, а во меѓувреме американскиот претседател Џо Бајден синоќа го предупреди неговиот украински колега Владимир Зеленски дека има „реална можност” од инвазија идниот месец.

–Гледаме постојана акумулација на руски трупи околу границата со Украина, во Белорусија и раздвижување на руската морнарица во Средоземното и Црното Море, како и во Атлантикот. Сите овие активности не загрижуваат за руските намери за напад, изјави синоќа на брифинг за новинарите Џон Кирби, портпарол на Пентагон.

Тој изјави дека САД се уште очекуваат руски одговор на американските документи испратени до Кремљ, а во врска со безбедносните гаранции до Москва во Европа, и дека сите се надеваат кризата да се разреши по дипломатски пат.

Според официјални лица од Пентагон, во западните делови на Русија и околу границата со Украина моментално се наоѓаат 62 батаљонски тактички групи, за три повеќе од минатата недела. Бројот не ја вклучува натрупаната војска во Белорусија.

На брифингот, Кирби ги откри американските бази каде се стационирани 8.500-те војници кои се во состојба на зголемена готовност да заминат за Источна Европа, како дел од силите на НАТО за одговор.

Тој исто така укажа дека САД подготвуваат зголемена „деструкатвна и недеструктивна” воена помош за Украина, но не даде точен опис на таа помош.

Слични содржини