Пеп: Невозможно е да се запре нападот на Ливерпул, но сакам победа од 6:0

од Vladimir Zorba

„Речиси невозможно е да го сопреш напаѓачкото трио на Ливерпул“, изјави Пеп Гвардиола пред четвртфиналниот дуел од Лигата на шампионите меѓу Ливерпул и Манчестер Сити. „Црвените“ имаат многу силни офанзивни играчи како Мохамед Салах, кој постигна 37 гола во оваа сезона, но менаџерот на идните шампиони на Англија е свесен дека заканата не доаѓа само од египетскиот напаѓач.

„Не е само тој, туку и Мане и Фирмино се многу силни фудбалери. Тоа е фантастична тројка и е речиси невозможно да ги запреш. Ливерпул игра фудбал кој тешко се сопира и ние сме свесни за тоа. Целиот состав поседува извонредна брзина, но во четвртфиналето на ЛШ не можеме да очекуваме лесен ривал. Ако ги отстраниме, супер, а ако тие не отстранат, ќе ги поздравиме. Само ќе се вратиме во турнирот посилни наредната сезона. Ќе се обидеме сепак да победиме уште во оваа“, рече тој.

„Кој ќе биде добар резултат за нас? 0:6 ми изгледа добро. Тоа сепак нема да се случи. Ќе се обидеме да постигнеме гол како гости, бидејќи тоа е исклучително важно, но нема начин како да не се обрне внимание на триото во напад, Чембрлен во средината и Ван Дајк при статични положби. Ливерпул е навистина необичен тим“, додаде тој.

Сити го победи со 3:1 Евертон во саботата без аргентинската ѕвезда Серхио Агуеро, кој се уште лекува повреда на коленото.

„Ќе видиме каква е неговата состојба пред натпреварот. Тој го пропушти и последниот тренинг, но се надевам неговата состојба ќе се подобрува. При вакви повреди се гледа ден за ден и се надевам дека тој ќе биде на мое располагање. Можеби не од самиот почеток, но на клупата“, рече Гвардиола.

„По овој натпревар имаме еден со Јунајтед, а потоа повторно со Ливерпул. За ваква серија се потребни шестмина напаѓачи, па ние имаме потреба како од Агуеро, така и од Габриел Жезус, Лукас Нмеча, Рахим Стирлинг и сите други. Со оваа средба ништо незавршува. Дуелот трае 180 минути“, заклучи каталонскиот тренер.

Слични содржини