УНИЦЕФ со загриженост ја следи состојбата со насилството врз и помеѓу децата во земјата. Неодамнешниот инцидент во кој се вклучени ученици од основното училиште „Гоце Делчев“-Неготино е неспорен доказ за потребата повторно да се разгледаат начините на кои образовниот систем и целата заедница постапуваат во однос на насилното однесување, истакнува Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во Македонија.

Во писмената изјава за медиумите Перкс наведува дека насилството во училиштата е првенствено одраз на тоа што се случува дома, но и на тоа што се случува во целата заедница.

– Седум од десет деца на возраст од 2 до 14 години во земјата се дисциплинирани дома со насилни методи – физичко казнување или психолошка агресија. Децата кои имаат доживеано постојано малтретирање или други форми на насилство на училиште е многу поверојатно да бидат насилни дома, но и да страдаат од долгорочни психолошки последици. Малтретирањето честопати е повик за помош. Децата кои се служат со насилство честопати и самите се жртви на насилство, истакнува Перкс.

За да се создадат училишта во кои нема насилство, посочува претставникот на УНИЦЕФ, неопходно е да се создаде опкружување кое не толерира насилство, а создавањето безбедна училишна средина подразбира создавање позитивна училишна клима во која се создаваат позитивни односи и каде сите членови на училишната заедница се чувствуваат почитувано, безбедно и сигурно.

– Од податоците од други европски земји постојат сознанија дека кога на насилството во училиштата се одговара со зголемена контрола и санкции има мали шанси проблемот да се реши на долг рок. За да се постигне безбедна училишна средина неопходно е да се јакнат капацитетите на наставниците за спречување насилно однесување. Наставниците кои применуваат превенција и поддршка наспроти контрола и казнување им помагаат на учениците да развиваат комуникациски и емоционални вештини, градење самодоверба и капацитет за емпатија, смета Перкс.

Исто така, додава тој, треба да се воспостават механизми за интервенција во случаите на насилство за да се спречи повторна појава на насилство.

– И на крајот, ситуацијата бара да се зајакне соработката помеѓу институциите и организациите. Безбедните училишта не се случуваат сами по себе, туку се создаваат и одржуваат од луѓе кои се посветени на обезбедување позитивни односи и опкружување со почит. Тие луѓе ја претставуваат целата заедница во училиштето – децата, наставниците, училишниот кадар, родителите и пошироката заедница, пишува во изјавата на претставникот на УНИЦЕФ во Македонија Бенџамин Перкс./МИА

Слични содржини