Пешев: Затворањето на маркетите е престрога мерка, никому не носи бенефит

од Nikola Popovski
413 прегледи

Извршниот директор на Стопанската комора на Македонија, Антони Пешев смета дека затворањето на повеќе маркети е престрога мерка, бидејќи како што вели, од носењето на владините одлуки за гарантирана цена на производите до престројувањето на работата на трговците имало многу малку време.

Според Пешев, затворањето никому не носи бенефит, особено не сега, кога се намалени цените. Тој очекува уште денеска да се реши проблемот и маркетите повторно да почнат со работа. Вели дека присуствувал на сите состаноци во Министерството за економија и со трговците и со дистрибутерите, кои се согласиле солидарно да намалат по 5 отсто од своите маржи за да се излезе во пресрет на граѓаните.

Мислам дека никој тоа не го направил намерно и не треба да се злоупотреби. Иако се зборува за 75 класи артикли, цената требаше да им се смени на 1 200. Затворењето треба да биде последната мерка кон која Министерството треба да прибегне, рече Пешев, одговорајќи на новинарски прашања пред конференцијата „Водење бизнис со ЕУ – како да се постигне поинтензивна трговска соработка меѓу Северна Македонија и Полска“.

Тој додаде дека Стопанска комора очекува Законот за солидарен данок да биде повлечен. Го повтори ставот на бизнисот, дека секој закон треба да се носи согласно т. н. даночен календар.

Компаниите треба да знаат порано три до шест месеци за да си го прилагодат своето работење, а не како сега, да донесете закон шест месеци откога е истечен и откако се распределени добивките на компаниите. Како ќе им ги земете кога повеќето се со странски инвеститори и тие ги имаат повлечено парите. Цениме дека овој Закон можеби можел да биде донесен, но порано од што истекол рокот, нагласи Пешев.

Слични содржини