Пеши го избегнувал Калкин на снимањето на „Сам дома“ и имал добра причина за тоа

од Vladimir Zorba

Актерот Џо Пеши откри дека намерно го избегнувал малиот Меколи Калкин за време на снимањето на филмот „Сам дома“.

Во празничниот хит од 1990 година, Пеши го играше разбојникот Хари, кој ја таргетира куќата на младиот Кевин Мекалистер, кој го игра Калкин. Тој ја повтори улогата на пргавиот разбојник две години подоцна во продолжението „Сам дома: Изгубен во Њујорк“.

За да се осигура дека нивната врска на екранот ќе остане доволно непријателска, Пеши намерно го држеше Калкин на дистанца, дури и кога тие не снимаа, пренесува NME.

„Се сеќавам на Меколи како слатко дете и, дури и на негова возраст, многу професионалец. Намерно ја ограничив мојата интеракција со него за да ја зачувам динамиката помеѓу неговиот лик Кевин и мојот лик Хари“, изјави Пеши за People.

Објаснувајќи ја својата одлука, актерот рече дека не сака „на било кој начин да покаже на екранот дека има пријателски односи“ и додаде дека сака да го задржи интегритетот на нивните противнички односи.

Во 1991 година, Пеши доби Оскар за споредна улога во класиката на Мартин Скорсезе „Добрите момци“.

Тој се повлече од очите на јавноста во последниве години, но излезе од пензија во 2019 година за повторно да се здружи со Скорсезе, прифаќајќи улога во гангстерската драма „Ирецот“, за која беше номиниран и за Оскар.

Пеши во февруари ќе наполни 80 години, но се уште целосно не се откажал од глумата. Наскоро ќе го гледаме во ТВ серијата „Bupkis“ во која ќе го глуми дедото на комичарот Пит Дејвидсон.

Слични содржини