Песков го обвини Западот дека предизвикал глобална прехрамбена криза

од Stefanija Kuzmanovska

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, го обвини Западот дека предизвикува глобална прехранбена криза со воведувањето на „најстрогите санкции во модерната историја“ на Русија поради војната во Украина.

„Русија отсекогаш била многу сигурен извозник на жито. Ние не сме изворот на проблемот. Изворот на проблемот што води до глад се оние кои ни воведоа санкции, како и санкции против самите себе“, рече Песков, пренесува „Ројтерс“.

Заедно, Русија и Украина носат речиси една третина од глобалните резерви на жито.

Украина е, исто така, најголемиот извозник на пченка, јачмен, сончоглед и масло од репка, додека Русија и Белорусија сочинуваат над 40 отсто од глобалниот извоз на ѓубрива за култури познати како поташа.

Според Обединетите нации, 36 земји сметаат на Русија и Украина за повеќе од половина од нивниот увоз на жито, вклучително и некои од најсиромашните во светот, како што се Либан, Сирија, Јемен, Сомалија и Конго.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш минатата недела изјави дека е во „интензивни контакти“ со Русија, Украина, Турција, Соединетите Држави и Европската Унија се во обид да го обноват извозот на жито од Украина.

Песков повтори дека „пумпањето оружје во Украина“ нема да ја зголеми безбедноста или стабилноста во Европа.

Слични содржини