Песков: Се уште не е донесен претседателски декрет за завршување на мобилизацијата

од Stefanija Kuzmanovska

Одлуката за прекин на делумната мобилизација низ целата земја се уште не е донесена, но одреден број региони веќе ги спроведоа плановите за мобилизација. Ова во понеделникот им го соопшти на новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Досега немаше такви одлуки“, одговори Песков на прашањето дали се планира во блиска иднина да се објави крај на делумната мобилизација на територијата на цела Русија.

Како што истакна портпаролот на Кремљ, Министерството за одбрана одредило бројчани показатели за мобилизација за секој регион, а голем број региони наведуваат дека задачата е завршена.

„Така, процесот на делумна мобилизација е веќе спроведен и стопиран во одредени региони. Што се однесува до претседателски декрет (за прекин на делумната мобилизација), во моментов нема такво нешто. Ќе ве информираме“ додаде Песков.

Песков утринава исто така изјави дека Кремљ „нема информации“ за тоа дали ирански дронови камикази биле користени во масовните напади врз украинските градови оваа недела.

Украинските лидери ја обвинуваат Русија дека користела ирански камикази беспилотни летала Шахед-136 во нападите врз украинските градови.

Пет лица загинаа во вчерашниот руски напад врз станбена зграда во Киев.

Слични содржини