Песков: Заробените Американци треба да одговараат за злосторствата

од Nikola Popovski

Американските граѓани заробени за време на воените дејствија во Украина мора да одговараат за своите постапки и за нив не важат Женевските конвенции, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Во интервју за „MSNBC“, тој ги нарече заробените Американци „платеници кои учествувале во нелегални операции на територијата на Украина“.

„Тие учествуваа во гранатирањето на нашата армија, ги загрозија нивните животи и мора да одговараат за извршените злосторства“, рече Песков, пренесува Интерфакс.

Тој објасни дека заробените Американци немаат никаква врска со украинската армија и затоа не подлежат на одредбите од Женевската конвенција.

Минатата недела портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс изјави дека САД се во контакт со украинската страна и претставници на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во врска со извештаите за двајца американски државјани заробени од Русија во Украина.

Тој додаде дека Вашингтон добил извештаи кои може да укажуваат на тоа дека уште еден американски државјанин исчезнал во Украина.

Подоцна американскиот претседател Џозеф Бајден изјави дека бил информиран за извештаите за исчезнати американски државјани во Украина.

Слични содржини