Петар Колев: ГДУ има јасна, кратка и концизна програма, целта е промена во општеството преку личен пример

од Aleksandar Petrovski

Реформа на администрацијата, промена на изборниот модел преку воведување една изборна единица со отворени листи, намалување на бројот на пратеници, кратење на непродуктивните јавни трошоци, а инвестирање во основните приоритети за едно општество – образование и здравство, се клучните проекти што ги претставува Граѓанско демократска унија (ГДУ) во оваа предизборна кампања.

Претседателот на ГДУ, Петар Колев, во интервју за МИА посочува дека доколку нема правда и правичност, нема ниту ред и просперитет. Повеќе од јасно е, според него, дека македонското општество има сериозен проблем со владеење на правото, а ГДУ, како што објаснува Колев во интервјуто, голем дел од својот фокус го насочува кон реформите на правосудниот систем.

Излегувањето на ДУИ со мотото прв премиер Албанец, според Колев, е модел на етничка конфронтација, поради која не верува дека ДУИ ќе добие поширока поддршка. Колев исто така е и дециден, ГДУ нема да учествува во влада со Демократската унија за интеграција.

– Ние во влада во која учествува ДУИ нема да учествуваме. Не поради тоа што имаат кандидат за премиер Албанец, туку поради тоа што овие 20 години како се на политичката сцена, голем дел од нивните кадри беа дел од коруптивните шеми во државата и не видовме ниту еден нивен кадар да поднесе некаква одговорност. Понекогаш ова е прашањена машкост. Ако згрешиш и ако направиш нешто што е надвор од законите и правилата, би било машки одговорно да застанеш пред нацијата и да поднесеш одговорност, објаснува Колев.

Прашан како го оценува договорот за добрососедство со Бугарија, Колев одговори дека верува во добрососедски односи на Македонија со сите соседи, но доколку се придржуваат кон принцип на рамноправност. Како што ние ги почитуваме нив, така и тие да нè почитуваат нас.

– Јас верувам во добрососедски односи со сите соседи: Грција, Бугарија, Албанија, Косово, Србија, Хрватска или нашите подалечни соседи. Но, во еден принцип на рамнопоставеност. Ако ние навистина се почитуваме со официјална Софија, тогаш треба да се почитуваме еднакво. Како што ние ги почитуваме нив, така и тие да нè почитуваат нас, вели Колев.

На претстојните избори Граѓанско демократска унија, како што смета Колев, има сериозни и реални очекувања во неколку изборни единици. Сепак, појаснува дека целта не е да бидат дел од владејачката структура, туку да предизвикаат промена во општеството преку личен пример.

Изборната кампања почна. Веќе ги презентиравте своите програми пред гласачите. Ќе може ли накусо ударно да наброите пет клучни работи со кои ќе ги привлечете гласовите на граѓаните?

– Да, ние како ГДУ ја промовираме нашата програма, но немаме политичка програма во која објаснуваме како тоа ќе изградиме уличка, патче, чешма на некое населено место, како треба во 21 век да зборуваме за компјутер за секое дете, бидејќи ако и од денешна перспектива разговараме на тие теми, тоа значи дека некој овие 30 години ги проспал. Ние како ГДУ имаме јасна, концизна и кратка програма во којашто се собрани како сублимент нашите политички филозофии за основните сегменти на општествениот развој и сектори во општеството.

Прв приоритет е политичкиот систем. Голем дел од проблемите во нашето општество се директно сврзани со начинот на којшто функционира политичкиот систем. И тоа е реалноста и вистината за нашиот политички систем, којшто претставува една скапа, бирократска машина за гласање по нарачка и порачка на политичките лидери. Што конкретно визираме кога зборуваме за претставничката демократија? Промената на изборниот модел преку воведување отворени листи во коишто ние како општество да ја ограничиме власта на поединците, а тоа се политичките лидери кои ги составуваат своите листи на база на послушност и лојалност кон нив, а не квалитет на кадрите и кандидатите за пратеници е приоритет којшто е многу важен за да можеме да ја вратиме моќта, суверенитетот во рацете на граѓаните. Тие се тие кои како отворени листи ќе можат да изберат свои претставници во парламент и преку овие конкретни претставници да носат одговорност директно, а не пред партискиот лидер, а пред гласачите кои на база на нивните видувања за развојот на државата ги испратиле во парламент.

Ние како ГДУ веруваме во мала, ефективна, професионална и надградена, подготвена државна администрација. Овој бирократски систем што денеска функционира е една скапа машинерија што место да создава услови за развој, прогрес во општеството, многу често е кочничар, рересивен елемент со оние различни нормативни акти, лиценци, дозволи. Одите од канцеларија во канцеларија за три печати и два потписа и губите четири – пет дена. Затоа ние веруваме дека е потребна реформа во администрацијата, но таа треба да почне од врвот на пирамидата. Ако ние како политичари сакаме да го убедиме нашето општество и нашите сограѓани дека сме подготвени да правиме реформа, тогаш треба да започнеме со личен пример од самите нас. Затоа ние зборуваме од ГДУ за намалување на бројот на пратениците во Собрание. На Македонија не ѝ е потребно Собрание од 120 пратеници. Сметам дека на Македонија ѝ е доволен моделот на Словенија од 90 пратеници и тој треба да биде имплементиран. Второ, оние трошоци, претставете си само за плата Сбранието троши 7 милиони евра. Само за основна плата на пратениците. Со половината од тие средства ние можеме да изградиме едно модерно училиште по германски модел, кој ќе даде шанса 800 ученици да се образоваат таму. За 2020 година македонското Собрание има буџет од 10 милиони евра. Дали е тоа нормално за една држава што има дефицит од милијарда и двесте милиони во буџетот, да троши 10 милиони евра за таков тип непродуктивни трошоци.

Ние веруваме и во тоа дека на Македонија повеќе не ѝ е потребна Влада од 21 до 22 министри. Онаа пракса за купување политички мир со назначување министри без ресор еднаш засекогаш во нашето општество треба да престане. Една третина од македонските министри се всушност министри без ресор, кои само земаат плата и реално немаат никави обврски. Македонија може да функционира прекрасно со 15 министри. Доста поразвиени држави од нас со силни економии функционираат со 15 министри.

Прво почнуваме од тој момент, реформа на администрацијата и промена на изборниот модел. Ние веруваме во тоа дека Македонија треба да биде една изборна единица со отворени листи, 90 пратеници, всушност тоа е моделот по кој се избира и Европскиот парламент. Кога ќе го завршиме ова прашање и кога ке успееме кратејќи ги непродуктивните јавни трошоци како што се платите на рамковните вработени, тогаш мислам дека ќе ни останат средства за реално како држава да можеме да инвестираме во другите два основни приоритети за едно општество. Тоа е образованието и здравството. Ако ние не успееме да изградиме образована, модерна, македонска нација, едно идно поколение коешто може да се носи со предизвикот на големиот европски пазар, тогаш ние како политичари не сме завршиле никаква работа. На Македонија ѝ е потребно образование во кое ќе има помалку часови за учениците.

 

Слични содржини