Петгодишно девојче и нејзините родители се спасени во Турција, 73 часа биле под урнатините

од Radmila Tasevska

Бројни спасувачи сè уште вложуваат големи напори за да пронајдат и спасат што е можно повеќе луѓе кои беа затрупани во урнатините по разорните земјотреси што погодија делови од Турција и Сирија.

Една успешна мисија е снимена во округот Оникисубат, Сакарија, Турција кога спасиле петгодишно девојче и нејзините родители откако поминале 73 часа под урнатините.

Имено, АА пишува дека спасувачите слушнале плач од под урнатата зграда и по многу труд успеале да го извлечат петгодишното девојче Мир Берзан Багиш и нејзините родители, таткото Али (55) и мајката Зелал (40).

Веднаш по спасувањето, итните служби го пренеле повреденото семејство во болница.

Мајката Зелал Багис им се заблагодари на сите кои учествуваа во спасувачката акција.

„Мило ми е што постојат. Господ да ги благослови сите“, рече таа.

Важно е да се истакне дека во спасувањето учествувал и градоначалникот на Сакарија, Екрем Јуце, кој помогнал во носењето на повредените.

„Детето беше многу среќно. Моето сочувство до нашата земја. Овде сме со нашите браќа и сестри, срцето на Турција чука овде, оваа земја стана едно, едно тело“, рече градоначалникот Јуце, кој во изјавата за новинарите им честиташе на спасувачките екипи кои 73 часа се бореа да го извлечат семејството од урнатините на безбедно.

Бројот на загинати во Турција и Сирија по разорните земјотреси рапидно се зголемува. Моментално тие се повеќе од 17.000, а има темни прогнози дека ќе достигнат до 20.000.

Спасувачите интензивно трагаат по исчезнатите, но нивната потрага е отежната поради екстремните временски услови.

Слични содржини