Петков: Не треба да чекаме некој да не спаси, треба сами да ја завршиме работата

од Берта Китинска

Навистина верувам дека колку повеќе работиме заедно, колку поголема поврзаност имаме, колку повеќе нашите граѓани меѓусебно комуницираат, воспоставуваат бизнис соработка, толку ќе биде подобро,вели бугарскиот премиер Кирил Петков во интервју за МИА во пресрет на неговата утрешна посета на Скопје.

Бугарскиот премиер нагласува дека токму затоа веднаш по изборот на новата Влада на Димитар Ковачевски доаѓа во посета на земјава со цел да се воспостави постојана комункација и да се постигне напредок.

– Не сакам само политичарите да доаѓаат и да говорат, кога говорам за економија сакам да ги видиме сите наши фирми кои сакаат и имаат интерес за Република Северна Македонија, сите фирми од вашата земја, кои имаат интерес за Бугарија. На таа средба политичарите не се потребни, на таа средба се потребни луѓе, кои сакаат да работат, да прават бизнис заедно, вели Петков, потенцирајќи дека мора да се работи на сите оние прашања кои 30 години не сме успеале да ги решиме.

Тој истакнува дека не сака само да се говори што би требало да се направи, туку двете земји заедно да работат на реализација на конкретни проекти.

– Тоа со декларациите, известувањата треба да е зад нас. Од сега па натаму да ги броиме резултатите, кои ќе ги реализираме заедно, додава Петков во интервјуто.
Според него, тежината на некои проблеми зависи од контекстот во кои се поставени и ако успееме да дефинираме точно какви се тие проблеми и од каде доаѓаат, тогаш и нивните решенија стануваат полесни.

На прашањето пак, за тоа дали има притисоци врз Бугарија за решавање на спорот, тој не одговара директно, туку вели дека верува дека не зависиме од други сили и држави кои имаат интереси, туку тоа зависи од нас.

-Јас лично знам, а сигурен сум и кај вас Димитар Ковачевски, не зависиме од тоа кој што кажува и секој еден од нас има сопствена одговорност да се заврши таа работа. Со други зборови, мене лично, не ми значи кој ќе се јави или ќе каже направи ова-направи тоа. За мене е важно да сме сигурно дека ги правиме правилните нешта, на правилен начин и … да, светот е глобален и има најразлични интереси, но мислам дека тоа е друго нешто на Балканот. Ние треба да си кажеме дека нашите работи зависат од нас. Не треба да обвинуваме или чекаме, или некој да не спаси, или некој да ни помогне. Доста е со тоа. Треба сами да си ја завршиме работата, вели Петков.

Слични содржини