Петков: Нема да биде донесена одлука за С. Македонија без одобрение на сите

од Маја Анчевска

Секое решение во врска со Северна Македонија мора да биде со целосна согласност на партиите од владината коалиција и од опозицијата и нема да биде донесена никаква конкретна одлука без одобрение на Парламентот и без целосна поддршка на сите кои ќе гласаат за неа, изјави денеска бугарскиот премиер Кирил Петков во Народното собрание во Софија.

– Имаме јасно потпишан договор за коалицијата, кој строго го почитуваме. Правиме сите наши постапки да бидат во согласност со него. Јас како премиер немам право на никаков начин, ниту пак ќе се обидам, да направам некакви договори. Имаме рамковна позиција, декларација, изјави Петков за позицијата на Бугарија кон земјава.

Според Петков, актуелните случувања во Украина „го направи случајот Република Северна Македонија уште поделикатен“.

– Западниот Балкан е и регион во ризик. Безбедноста на Западниот Балкан е од големо значење за бугарската држава. На овие одлуки мора да им пристапиме со голема одговорност, додаде Петков.

Тој истакна дека Европската комисија соопштила дека е подготвена преку преговарачката рамка да биде гарант за правата на Бугарите во Македонија и за почитување на нивните интереси и права.

– Преговарачката рамка и процес ќе придонесат за она добрососедство на кое толку многу се надеваме, додаде Петков.

Изјавата на бугарскиот премиер следи откако во средата лидерот на партијата Има таков народ, која е дел од владината коалиција, Слави Трифонов во објава на Фејсбук го обвини дека сака почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ до крајот на јуни, без никакви законски гаранции за почитување на правата на Бугарите во земјата и дека своите постапки ги прави без координација со бугарското МНР, коалициските партнери и Народното собрание.

На тврдењето на Трифонов реагираа и останатите три партии од владината коалиција. Продолжуваме со промената на Петков и Демократска Бугарија вчера демантираа дека имало заткулисни договори за укинување на ветото за почеток на преговорите на земјава за членство во Европската унија, додека Бугарската социјалистичка партија (БСП) соопшти дека нема информации за таква заложба од бугарскиот премиер.

 

Слични содржини