Петмина го киднапирале на патарина кај Глумово, го однеле на автоплац и го истепале

од Берта Китинска

Обвинителството отвори истрага против пет лица од Скопје кои се осомничени дека киднапирале и малтретирале едно лице со намера да го присилат сопствениот автомобил „масерати“ да го префрли на име на еден од осомничените.

Според сознанијата на Обвинителството, на 8 септември околу 22 часот, на автопатот Скопје – Тетово, на наплатната рампа кај село Глумово, по насоки на првоосомничениот и петтоосомничената, останатите тројца осомничени лица му го пресекле патот на оштетениот со возило „ауди А3“ и физички го нападнале, удирајќи го со тупаници и клоци по целото тело.

Насилно го внеле во неговиот автомобил и го однеле на автоплац во селото Кондово во сопственост на првоосомничениот. Кога стигнале на плацот четворицата, во присуство на петтата осомничена, продолжиле физички да го малтретираат, удирајќи го со тупаници, клоци и со ремен.

Поради наводен долг од 20.000 евра тие го натерале оштетениот да влезе на совозачко седиште во автомобил „бе-ем-ве Х5“ и го однеле во нотарска канцеларија во Тетово каде што го присилиле да направи договор со кој неговиот автомобил „масерати“ го префрлил на име на првоосомничениот.

Двајца од осомничените се лишени од слобода и за нив е поднесен предлог за определување мерка притвор поради постоење опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците, како и можност да го повторат делото.

По останатите тројца осомничени сè уште се трага.

Слични содржини