Петрески: Да се излезе со мерки кои се реална потреба на граѓаните и компаниите, наспроти реалната можност државата да помогне

од Vladimir Zorba

Професорот Марјан Петрески нема дилема во неопходноста од креирање мерки од страна на владата со кои во услови на стагфлација и високи цени на енергентите,  ќе им се помогне на ранливите категории граѓани и на компаниите кај кои високите сметки за потрошена електрична енергија се ризик за отпуштање на вработените.

Растот на доходот на населението веќе не може да го следи растот на цените, неопходно е што поскоро да се излезе со мерки,вели тој во кусото интервју за „Локално“.

„Од крајот на мај до овој момент немаме никакви таргетирани мерки, единствено во сила е замрзнувањето на трговските маржи и одржување на цената на електричната енергија за домаќинствата на подносливо ниво. Неопходно е што поскоро да се излезе со мерки кои се одраз на реалната потреба на граѓаните и компаниите наспроти реалната можност државата да помогне“, дециден е Петрески.

Анализирајќи ги бројките кои покажуваат дека цената на храната во септемрви пораснала за 29,8% а на лебот и маслата за дури 40%,значаен дел од тоа според Петрески, може да се припише на однесувањето на трговците.

„Замрзнувањето на маржите се чини исправна мерка и треба да биде поддржана со агресивен пристап на пазарниот инспекторат во поглед на нејзиното недвосмислено спроведување“, подвлече тој.

Извештајот на Светска банка во кој се вели дека Македонија влегува во зона на стагфлација отвори многу дилеми во јавноста. Што ќе значи тоа за граѓаните и за стопанството и какви чекори може и треба да преземе владата ?

-Знаците на стагфлација се видливи уште со податоците од вториот квартал, бидејќи остварениот раст на БДП е нешто понизок од тоа што се очекуваше во отсуство на конфликтот во Украина, додека расположливи податоци за третиот квартал, на пример индустриското производство, упатуваат на понатамошно забавување на растот. Заедно со растот на цените, главно на енергентите, којшто во моментов се чини дека се’уште не се смирува под влијание на ескалација на економските односи, првенствено помеѓу ЕУ и Русија, оваа ситуација значи дека растот на доходот на населението не може веќе да го следи порастот на цените. Генерално, мислам дека постои консензус дека, со оглед на релативно ограничениот буџетски простор, интервенциите на владата треба да бидат таргетирани, кон ранливите сегменти од населението, како и кон компаниите кај кои уделот на трошокот за електрична енергија е висок и тоа е своевиден ризик за отпуштања на работници.

Евидентно е доцнењето на мерките, всушност по престанокот на линеарните мерки на крајот на мај 2022 до овој момент немаме никакви таргетирани мерки, единствено во сила е замрзнувањето на трговските маржи и одржувањето на цената на струјата за домаќинствата на подносливо ниво. Немам доволна претстава или проценка што е главната пречка што владата не излегува со мерки. Едно од објаснувањата може да биде тоа што надворешно финансирање во буџетот не се обезбеди во доволна мера, бидејќи условите за финансирање на приватниот финансиски пазар во меѓувреме значајно се заострија.

Стопанствениците најавија затворање на погоните и отпуштање на вработените доколку владата не им помогне во делот на високите сметки за електрична енергија:Колква е реалната опасност од ваквото сценарио?

-Штом тоа стопанствениците го најавуваат и тоа со се’ позасилен интензитет, секако дека е реална опасност. Постојат компании и сектори кај кои уделот на трошокот за енергенти во вкупниот трошок е голем, а тоа се и примарно големи компании кои струјата ја набавуваат на отворен пазар. Значи, досега тој ризик се чини не е материјализиран, меѓутоа наместо да се занимаваме со проценка на тоа колкава е таа опасност, неопходно е што поскоро да се излезе со мерки кои се одраз на реалната потреба на граѓаните и компаниите наспроти реалната можност државата да помогне.

Во обид да не бидат дел од ценовното стампедо во кое помалку или повеќе е вклучен секој од нас, земјоделците најдоа начин да ги заобиколат трговците па своите производи почнаа да ги нудат преку социјалните мрежи. Има ли начин да се забави трендот на раст на цените на храната? Кој е на потег?

-Во однос на цените на храната имаме специфична ситуација. На глобално ниво, притисокот врз цените на храната е значајно намален. На пример, индекот на цените на храната од ФАО во септември 2022 изнесува 136.3, и паѓа шести месец по ред, односно откако го достигна врвот од 159.7 во март 2022. Септемвриското ниво е слично со јануарското 2022, значи пред почетокот на воената ексалација (иако раст имаше и дотогаш, главно поради пост-пандемиското врамнотежување). Сепак, внатре во комозицицијата на самиот индекс, се гледа дека иако има пад кај сите компоненти, нивоата во септември се се’ уште повисоки од тие во јануари 2022 кај месото, млечните производи и житариците, а значајно спуштени кај маслата и шеќерот.

Спротивно на овие тенденции, кај нас цените на храната достигнаа врв во септември 2022, раст од 29.8% на годишна основа, a кај некои подгрупи како леб и масла, растот е над 40%. Оттука, значаен дел од овој голем раст веројатно може да се припише на однесувањето на трговците, што се илустрира и преку примерот од вашето прашање, односно дека производителите директно почнуваат да ги продаваат своите производи. Значи, замрзнувањето на маржите се чини исправна мерка и треба да биде поддржана со агресивен пристап на пазарниот инспекторат во поглед на нејзиното недвосмислено спроведување. Во услови на неизвесност и изразена волатилност во економијата, неопходно е одговорно и етичко однесување од сите чинители.

К.В.С.

Слични содржини