Петрески: Нема простор за голема загриженост од рецесијата во Германија

од Vladimir Zorba

Економистите се засега внимателни во проекциите за тоа како ќе се одрази германската рецесија врз економијата на Македонија. По потврдувањето на комплексноста на понатамошниот след на работите од страна на директорка на Германската стопанска комора (АХК), Антје Ванделт, свои предвидувања дадоа домашните познавачи на состојбите, акцентирајќи го како суштински фактот дека Германија е трговски партнер број еден на Македонија.

“Секако дека економските движења во Германија имаат директна импликација за нашата економија. Ние имаме значајна ако не и доминантна изложеност кон Германија, трговска, финансиска, во поглед на фабриките кои работат во нашите слободни зони итн. Меѓутоа, во моментов нема простор за голема загриженост, од неколку причини’’, изјави за Локално, професорот Марјан Петрески. Според него, рецесијата во Германија засега е блага, и понатаму треба да се следи нејзиниот развој и евентуално рецесијата во други европски економии. Како втора причина ги наведува бројките за нашата трговска размена кои како што вели, веќе во четвртиот квартал од 2022 покажаа знаци на забавување, што според него значи дека забавувањето на европските економии започнало да се пресликува и во нашите бројки. Како следен агрумент ги посочува прогнозите за нашиот раст, кои моментално се околу 2% за годинава, и кои веќе во голема мера ги рефлектираат очекувањата за стагнирачка економска динамика во Европа.

“Ако економските услови беа нормални, тогаш нашата економија ќе гравитираше барем околу потенцијалот од 4%, а не половина од тоа. Секако, останува за кратко да ги сочекаме бројките за првиот квартал за Македонија, па ќе може да дадеме попрецизни коментари’’, вели Петрески. Предупредува дека сентиментот на германскиот бизнис е неповолен и за следните квартали, така што , како што вели, сега е важно да видиме какви реакции на овие бројки ќе дојдат од страна на германската влада, но и од ЕЦБ, бидејќи Германија е сепак најголемата економија во Еврозоната.

Анализирајќи ја рецесијата во Германската економија, која е констатирана по ревизијата на бројките за првиот квартал 2023, Петрески констатира дека се чини дека не била во целост очекувана, осносно проекциите се движеле околу стагнација, но не и рецесија. Ваквото сценарио станало едно од можните со негативните ефекти од руско-украинскиот конфликт врз цените и врз трговијата помеѓу Германија и Русија. Економската рамка во вакви услови останува препознатлива, бидејќи, како што објаснува Петрески, рецесијата е главно резултат на пад на потрошувачката, како последица на високите цени и затегнувањето на кредитните услови, што значи дека економската динамика се движи од ограничувања на страната на понудата кон ограничувања на страната на побарувачката.

Од прецизен одговор за можните последици од рецесијата во Германија врз македонската економија се дистанцираше и директорка на Германската стопанска комора (АХК), Антје Ванделт Антје Ванделт која посочи дека прашањето е комплексно. Како единствено извесна поента ја укажа заинтересираноста на германските компании за инвестирање во Македонија. Трговската размена помеѓу Германија и Македонија во 2022 година оствари високо рекордно ниво од 4,8 милијарди евра. Оваа размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, електричната енергија и плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и благородни метали во колоидна состојба; соединенија, органски или неоргански, од благородни метали, хемиски дефинирани или недефинирани; амалгами од благородни метали.

К.В.С.

Слични содржини