Петровска: Доцниме со одржувањето на пописот и затоа секоја теорија за негово одлагање е со деструктивна и лоша намера

од Nikola Popovski

„Одржувањето на пописот е важно од повеќе аспекти, со него се прибираат податоци, кои подоцна ќе бидат користени од страна на државните институции, но и од страна на приватниот сектор и од меѓународните институции кога се прават планови за развој и унапредување на општествено-економските текови во нашата држава“, истакна од собраниската говорница пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска.

Таа нагласи дека ние доцниме со одржувањето на пописот и затоа секоја теорија или намера за негово одлагање е со деструктивна и лоша намера, која е спротивна на интересите на граѓаните и на државата.

Пратеничката појасни дека во законот е предвидено да се користат базите на податоци на министерството за внатрешни работи, министерството за информатичко општество и администрација, за образование и наука, за труд и социјална политика, агенцијата за вработување, фондот за пензиско и инвалидско осигурување, управата за водење матични книги, управата за катастар на недвижности и на државниот завод за статистика.

„Јас лично немам сомнеж дека пописот ќе биде спроведен по највисоките меѓународни стандарди, дигитализиран и според прописите на Евростат, и што е најважно со овој закон е предвидена можност да се попишат сите државјани на нашата држава, за конечно да знаеме колку сме и каде сме. Овој закон не фаворизира ниту една етничка заедница и затоа секој обид за такво претставување го ценам како деструктивно и злонамерно“, вели Петровска.

ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од идејата за собирање потписи за укинување на законот за попис на населението, доколку се одобри предложената верзија. Според опозициската партија, СДСМ има коалициски договор со ДУИ за фалсификување на пописот. Од таму не го поддржуваат овој предлог за пописот и затоа нагласуваат дека ќе започне со иницијатива за собирање на потписи во Министерството за правда и потоа таа иницијатива ќе ја достават во Собрание со кој ќе побара поништување на Законот за попис.

На денешната седница на Собранието на Република Македонија се обрати пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски кој зборуваше за законот за попис, методологијата за донесувањето на истиот, како и моменталната ситуација со Ковид-19 пандемијата која директно влијае врз одржувањето на пописот.

Во однос на донесувањето на законот за попис, Милошоски вели дека истиот не само што се пробува да се донесе на сила, туку и законот каков и да се донесе, не е исто што и неговото реализирање. Според Милошоски, пописот е операција која што не треба да се спроведе за само да и пројде редот, туку да има значење и граѓаните да ги знаат точните информации во однос на населението во државата.

Слични содржини