Петровска: Ќе се спротивставиме на секој обид за паралелни структури во МВР

од Aleksandar Todeski

Дополнителната заменик министерка во Министерството за внатрешни работи, Славјанка Петровска преку прес конференција испрати порака до припадниците на МВР, да не помислат на формирање на паралелни структури во Министерството. Таа вели дека ова е предвремено испратена порака, за да нема вакви ситуации во иднина.

„Времето на партиски штабови во Министерството за внатрешни работи е минато, како што е минато времето кога се тепаа студенти, апсеа новинари и се влегуваше во невладини организации. Поминато е и времето „некое ливче нека снема“ и „тегнење за уши“. Нашето одговорно однесување ќе биде најголем мотив граѓаните да излезат на изборите. Ќе се спротивставиме на секој обид да се направат паралелни структури, ова е порака до сите припадници на МВР, законски да ги исполнуваат своите задачи. Во овој момент активности нема, но пораката е однапред пратена за да нема такви ситуации во иднина“, рече Петровска.

Заменик-министерката во МВР потсети дека техничката влада е формирана за создавање услови за фер и демократски избори, но и за продолжување на реформските процеси за влезот на државата во НАТО и Европска Унија.

„Изминатите изборни процеси и референдумот беа прифатени како фер и демократски, а Министерството за внатрешни работи беше позитивно оценето. Ова е период во кој граѓаните со право очекуваат функционални институции, но и продолжување на реформските процеси. Изборите се од исклучителна важност. Јас порачувам дека МВР ќе ја гарантира нивната безбедност. Во изминатите две и пол години поставивме стандарди во работата кој гарантираат дека ќе одржме фер и демократски избори“, истакна Петровска.

Таа додаде дека по реформите во Министерството за внатрешни работи, се кренала и довербата од страна на граѓаните, додвајаќи дека реформите нема да запрат.

„Реформите нема и не може да запрат благодарение на професионалците кои работат без притисок. Ги реновираме станиците, ја зголемивме платата, а ќе се исплаќа бонус плата согласно договорот со синдикатот“, додаде дополнителната заменик министерка во МВР.

Петровска нагласи дека периодот од сто дена е краток и не можат да се луксузираме, па затоа реформите мора да продолжат. Во врска со кривичната пријава, таа рече дека ставот не го променила и дека кога ќе биде подготвена и поднесена, ќе ја извести јавноста.

Односот со Чулев ми е коректен, тоа е во интерес за граѓаните. Кривичната пријава се подготвува и ќе биде поднесена, а кога ќе биде тоа, ве известам. Во врска со Ристе Ставревски, останувам на принципиелниот став дека лице кое вршело притисоци не треба да биде на едно од челните места“ рече дополнителната заменик министерка во МВР, Славјанка Петровска.

 

Слични содржини