Петровска негира наводен изборен поткуп: Чулев намерно или заради отсјајот не споделува клучни информации од спроведената истрага

од Nikola Popovski

Заменик дополнителната министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска денеска реагираше на објавата на техничкиот министер Наќе Чулев во врска со извршениот претрес во објекти во Штип за наводен поткуп на гласачи.

Според неа, очајници прават очајнички потези.

„Чулев намерно или заради отсјајот не споделува клучни информации од спроведената истрага, а тоа е дека сите од досега сослушаните граѓани чии лични документи се најдени изјавиле дека личните документи не им се земени заради поткуп туку заради долг. Ова не е кривично дело поврзано со изборите туку кривично дело од областа на економскиот криминал кое допрва треба да се докаже“, напиша таа. 

За неа, срамно е да се злоупотребува позицијата министер за внатрешни работи и да се соопштуваат невистини, особено кога истрагата е во тек, што впрочем е напишано и во известувањето до ОЈО.

„Известувањето во кое е наведено дека не се спомнува ниту една политичка партија , а е доставено до ОЈО е потпишано и од началникот и од дополнителниот начлник на СВР Штип. Со ова очигледна е намерата на Чулев да влијае на истрагата и да ја злоупотреби за партиски цели. Ги повикувам професионалните и чесни припадници на Министерството да не подлегнуваат на партиските притисоци и секој сомнеж за кривично дело да го докажат во соодветна постапка со соопштување на факти“, стои во нејзиниот Фејсбук статус.

Чулев претходно информираше дека при извршен претрес биле пронајдени тетратки во кои имало список со имиња, биометриски лични карти и патни исправи за кои постои основано сомневање дека се предмет на Кривично дело „Поткуп при избори и гласање“.

Слични содржини