Петровска реагира: Постапката за набавка на обрасците за лични документи е спроведена и договорот е склучен согласно Законот за јавни набавки

од Vladimir Zorba

„За да се борите против криминалот треба да го осудите криминалот во сопствените редови. Следниот пат кога ќе застанете пред камера со обвинувања, прво проверете дали ги знаете сите информации или сте наседнале на нечија провокација или непознавање, реагира дополнителната заменичка министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска на обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Постапката за набавка на обрасците за лични документи е спроведена и договорот е склучен согласно Законот за јавни набавки.

Институциите работат и ќе ги испитаат сите наоди, па макар тие биле и паушални обвинувања поттикнати од партиски интереси. За ваша информација, компанијата која ја обвинувате за соучесник во наводен корупциски криминал е германска компанија во која 40% сопственик е државата, СР Германија“, додава таа.

Инаку ВМРО-ДПНЕ денеска обвини за криминал кај власта при набавката на пасоши и лични документи и тврди дека СДСМ го оштетила буџетот за над 12 милиони евра, склучувајќи договор со фирмата „Веридос“.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека согласно планот за набавка на пасоши и документи за лична идентификација во МВР во текот на 2019 година предвидени биле 7 милиони евра за оваа јавна набавка, за веднаш потоа единствениот понудувач „Веридос“ да побара сума од околу 20 милиони евра, сума која што веднаш е обезбедена од страна на Владата на СДСМ во текот на постапката.

„Целата постапка е сомнителна и незаконска во роковите околу јавната набавка. Договорот за рамковната спогодба во висина од 19.681.666 евра е склучена на 05.12.2019 година, а одлуката за избор и извештајот за постапката за оваа јавна набавка се склучени и архивирани на 06.12.2019, односно еден ден подоцна откако е склучена рамковната спогодба од страна на МВР со фирмата „Веридос“. По логика на нештата но и според законите и сите процедури во државава, прво треба да се донесе одлука за избор, па потоа да се потпишуваат договори и рамковни спогодби за висина на сума, но очигледно на СДСМ им се брзало првин да го договорат финансискиот дел, па потоа законските процедури да ги запазат, односно да не ги запазат“, сподели денеска портпаролот на опозицијата Димче Арсовски.

Слични содржини