Петрушевски: Функционерите на СДСМ ставаа македонски знамиња на своите Фејсбук-профили откако видоа дека планот за дестабилизација им пропадна

од Nikola Popovski
54 прегледи

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски денеска изјави дека неговата партија ја поздравува брзата реакција на институциите во пронаоѓање на насилниците кои го сквернавеа и кинеа македонското знаме. Пратеникот оцени дека не успеа планот на СДСМ и ДУИ за, како што вели, дестабилизација преку предизвикување на етнички конфликт.

Петрушевски во изјавата истакна дека „откако видоа дека планот за дестабилизација им пропадна, функционерите на СДСМ почнаа да ставаат македонски знамиња на своите Фејсбук профили, мислејќи дека народот има кратко паметење, и ќе заборави дека тие сменија Устав, знаме, име на држава“.

-Граѓаните да останат смирени при евентуални други такви провокации за конфликти и внесување на раздор меѓу народот. Институциите ќе делуваат, согласно закон и неселективно и ќе бидат поразени сите други вакви тенденции и планови, побара пратеникот.

Сквернавењето на македонското знаме при завчерашната прослава на денот на албанското знаме ги поттикна функционерите од СДСМ на своевидна иницијатива за оддавање чест кон македонскиот државен симбол. Бројни функционери од СДСМ своите профилни и позадински фотографии ги заменија со фотографии со македонско знаме.

Денеска се огласија токму и од најголемата опозициска партија, по наводите на партијата на власт. Порачаа дека „лажните обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ дека СДСМ стои зад вчерашниот настан се срамен и кукавички обид за префрлање на вината за сопствените неуспеси“.

-За жал овие обиди имаат јасна и подмолна цел – да ја покријат неспособноста на Владата и Министерството за внатрешни работи да го заштитат јавниот ред и мир и безбедноста на граѓаните, рекоа меѓу другото од „Бихаќка“.

17-годишно момче и уште тројца малку повозрасни се уапсени за сквернавење на македонското знаме. Го симнале, згазиле, скинале и запалиле на прославата на албанскиот национален симбол. Дел од насилниците се уапсени на самото место, по дел се трага. Освен овие четворица, уште толку се приведени за предизвикување инциденти. Министерот Тошковски со порака – секој што ги навредува чувствата на Македонците ќе одговара според закон.

Инцидентот го истражува и јавното обвинителство. Оттаму велат дека се преземаат дејствија за расчистување на настанот. Осомничените се сослушани, а се соочуваат со кривична одговорност за подбивање со националните симболи, за што е предвидена казна од 1 до 5 години затвор.

Полицијата приведе и 17-годишен малолетник за инцидентот во Куманово кога беше откорната табла од канцеларијата на козулатот на Србија. Од МВР велат дека постапувале по пријавата добиена вчера, а против момчето ќе биде поднесена кривична пријава.

На видеото кое го објави МВР се гледа момче нагрнато со албанското знаме кое насилно ја вади таблата од српскиот конзулат во Куманово.

Слични содржини