Петтиот пакет економски мерки: Ќе се нуди отпишување на камати за заостанатите долгови постари од три месеци

од Nikola Popovski

Денеска на владина седница се очекува да биде усвоена инфорацијата за петтиот пакет економски мерки за помош на стопанството и граѓаните поради ковид пандемијата. Финалниот предлог на петиот пакет мерки викендот беше презентиран пред претставници на коморите, членки на Платформата за јавно-приватен дијалог и билатералните комори во државава.

„При самиот крај сме и јас како претседател на Владата верувам дека утре ќе бидеме  подготвени да ја усвоиме комплетната информација со мерките, да може да се соопштат и презентиарат и веднаш да влеземе во подготовка на правно формалните аспекти, законите, уредбите, одлуките за нивно спроведување“, изјави вчера премиерот Зоран Заев.

Според надлежните, пакетот мерки треба максимално да одговори на барањата на стопанството и граѓаните, а истите се креирани да бидат и лесно применливи.

Како што информираше вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, последниот пакет за помош поради ковид пандемијата содржи 30 мерки кои може да се поделат во четири столба: финансиска поддршка за исплата на плати и задржување на работните места, финансиска поддршка за ликвидноста на компаниите и граѓаните, мерки за поповолно деловно опкружување и директна помош за граѓаните.

Министерот за економија, Крешник Бектеши посочува дека наместо платежни картички за ранливите категории граѓани ќе се нуди отпишување на каматите за заостанатите долгови постари од три месеци што ги имаат кон јавните претпријатија на локално и централно ниво.

„Разгледавме неколку опции во Владата и побаравме различни предлози од страна на различни институции и невладини институции. Мерката ќе важи само за јавните претпријатија кои работат во рамки на општините и кај оние јавни претпријатија во кои 100 отсто е сопственик Владата. Ќе важи за сметките за вода, комуналии и другите сметки кои директно се плаќаат од страна на граѓаните кон јавните претпријатија на централно или на локално ниво“, рече Бектеши.

 

Слични содржини