Пиоли го изгубил медалот: „Би сакал да ми го вратат…“

од Vladimir Zorba

Фудбалерите на Милан со убедлив триумф на гостувањето кај Сасуоло (0:3) стигнаа до 19-тата титула во историјата на клубот. „Росонерите“ на тој начин успеаја да направат подвиг со оглед на тоа што никој не им даде поголема шанса на почетокот на сезоната. Прославата очекувано беше бурна, голема и страсна до тој степен што Стефано Пиоли, тренерот на Милан го загуби медалот во целата таа гужва.

Милан е на тронот во Серија А по единаесет години пост. Пиоли успеа за многу краток период да го консолидира тимот, да ја стабилизира формата и да ги однесе „црвено-црните“ во Лигата на шампионите, откако го презеде тимот од 2019 година.

Врвот, пак, во тековната сезона беше достигнат со освојување на Скудетото со тим кој во споредба со Интер и Јувентус, најголемите ривали, беше убедливо најевтин. На гостувањето кај Сасуоло, во последното коло, на Милан му беше доволен бод, но „росонерите“ одиграа исклучителен натпревар и веќе на полувреме беше јасно дека ќе станат шампиони.

Славјето по натпреварот беше големо и страсно, толку што Пиоли го загуби медалот, негов прв во улога на тренер кога е Скудетото во прашање.

„Би сакал да ми го вратат медалот, ова ми е прв… Лигата го прифати барањето и е подготвена да ми додели нов“, откри Пиоли за време на прославата.

Слични содржини