Пировска: Прифаќањето на цивили од Авганистан е хуман и солидарен гест

од Vladimir Zorba

Прифаќањето на цивили од Авганистан од страна на нашата земја е хуман и солидарен гест и е дел од меѓународна хуманитарна акција која ќе се спроведува деновиве, сподели на својот Фејсбук профил Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Во периодов, вели таа, напливот на лажни вести ќе биде зголемен и со тоа ќе се зголемува и нивото на ксенофобични испади.

„Сето ова се случува во период пред избори и се ќе биде пуштено на најјако, што е нешто што многу пати до сега сме го виделе. Не подлегнувајте на лажни вести и имајте на ум дека за спасување на човечки животи се работи“, посочува таа.

Владата претходно соопшти дека ппродолжува со интензивна координација со сојузничките НАТО сили, со амбасадата на САД во земјава и со меѓународните организации во рамки на меѓународната спасувачка и хуманитарна мисија за прифаќање и спасување на авганистанското цивилно и миротворно население.

Во овој момент Владата има преземено обврска за прифаќање на 450 граѓани од локалното население од Авганистан и тоа вработени и жени и деца од семејства на вработени во хуманитарните и миротворните мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години беа поддршка на НАТО сојузничките сили во Авганистан, вклучително и на македонската армија.

Најголем дел од 450-те граѓани кои се очекува да пристигнат до крајот на неделава, зависно од околностите на аеродромот во Кабул, се координирани и организирани од страна на американската невладина организација Национален демократски институт (НДИ).

Слични содржини