Писмо од ЕУ до Лондон: Гаранции – да, нови преговори за Брегзит – не

од desk2

Британската Влада денеска го објави писмото упатено од челниците на ЕУ до Лондон, во обид да ја намали загриженоста на пратениците околу договорот за Брегзит, по кој утре би требало да се изјасни Парламентот во Вестминстер.

Во писмото на претседателите на Советот на ЕУ и на Европската комисија, Доналд Туск и Жан-Клод Јункер се нуди уверување дека најспорниот дел од договорот, оној со кој границата меѓу британската покраина Северна Ирска и Република Ирска останува отвотена и по Брегзитот како и до сега, претставува привремена мерка што ќе остане во сила „се додека тоа биде строго неопходно“.

И покрај ваквите уверувања, Туск и Јункер повторуваат дека ЕУ нема да прифати нови преговори за истапувањето на Велика Британија од Унијата.

– Ние не сме во позиција да се согласиме не нешто што би го променило или не би било во согласност со Договорот за истапување, посочуваат челниците на ЕУ во писмото.

Доколку британскиот Парламент утре не го прифати Договорот за Брегзит, постои опасност Велика Британија да ја напушти Унијата без регулирани идни односи со ЕУ, што предизвикува стравување од блокади и хаос во земјата.

Слични содржини