Платите на наставниците за 4 години зголемени за над 2.000 денари, велат од МОН

од Vladimir Zorba

„Платите на наставниците во последните 4 години се зголемени за над 2.000 денари, додека претходната власт во период од 7 години ги зголеми за само 850 денари. Зголемувањето е резулат на посветеноста на Владата и на Министерството за образование и наука за достоинственото вреднување на трудот на наставниците. Со цел да се обезбеди трајна економска и правна сигурност на наставниците, МОН изготви законски измени со кои обезбедуваме континуиран раст на платите на наставниот кадар, согласно зголемувањето на минималната плата во државата. Ова законско решение повеќе од три месеци опозицијата го блокира во Собранието“, велат од МОН.

„Пратениците од опозиција им должат објаснување на наставниците зошто го опструираат носењето на измените на Законот за наставници и стручни соработници и се против унапредувањето на нивниот статус а со тоа и против најдобриот интерес на учениците. Затоа што само наставници на кои им се цени трудот се посветени на наставата и на квалитетно образование на учениците.

Истото законско решение предвидува и трансформација на 4.700 работни места од определено на неопределено време, како и директно вработување на наставниците и стручните соработници на неопределено време, без да чекаат повеќе од две години со договори на определено.

Законското решение овозможува професионален и кариерен развој за вработените во училиштата, како и следење и оценување на работата уште од првиот ден на стапувањето во редовен работен однос. Воедно, за прв пат законски се дефинираат компонентите на платата на наставниците и стручните соработници, со што се овозможува исплата на додатоците на плата за претходно стекнатите педагошки звања како резултат на успешност во работењето, додатокот за одделенско, односно класно раководство, за работа во комбинирана паралелка и за работа во ридско-планинско подрачје, за кои во минатото имаше реакции дека не се исплаќаат од страна на училиштата.

Законот, кој е блокиран во Собранието, предвидува и исплата на целосна плата за неполн неделен фонд на часови на наставниците кои ќе реализираат воспитно-образовна работа според наставен план и програми донесени согласно Концепцијата за основно образование и воспитание, доколку имаат минимум 10 наставни часови во неделата“, додаваат оттаму.

Слични содржини