Пленковиќ: Спорот меѓу Бугарија и С. Македонија треба да се реши

од Берта Китинска

Хрватска направи многу за деблокирање на процесот на преговори со Северна Македонија и Албанија и сака да ги реши преостанатите прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија, со цел да се дочека датумот на отворање на преговорите со овие две земји, рече хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

Шефот на хрватската влада учествува во Анталија на самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), регионална иницијатива започната пред 25 години, пренесува хрватската агенција Хина.

Пленковиќ потсети дека Хрватска е една од земјите што се залага за процесот на проширување и дека минатата година на самитот во Загреб, за жал во видео формат, направи многу за деблокирање на преговарачкиот процес со Северна Македонија и Албанија.

„Денес реков дека сакаме да се решат сите преостанати прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија и дека треба да го поздравиме тој момент, датумот на отворање на преговорите со овие две земји“, рече Пленковиќ.

На самитот, продолжи тој, беше усвоен документ за перспективата на развојот на целата област на Југоисточна Европа до 2030 година, што ги следи глобалните и европските предизвици.

„Документот повикува на подобра соработка, билатерална и регионална и постепена поддршка за оние земји кои имаат амбиција да влезат во Европската унија, а во таа насока беше моето излагање“, рече Пленковиќ.

Според него, клучот е во инфраструктурната соработка, економската соработка, трговијата и тој предупреди на проблемот со негативните демографски трендови што е присутен на целата област на Југоисточна Европа.

Слични содржини