Пленумци од УКЛО се оградуваат од “етикетирањата”, на УКИМ продолжуваат алтернативните предавања

од desk3

Студентскиот пленум – УКЛО, Битола, се оградува од написите и етикетирањата врз одредени групи од страна на некои медиуми кои, според нив, сензационалистички ја пренесоа веста дека некои “левичари“ и некои “неонацисти“ во Битола се зближиле поради целите на Автономната зона.

20316mala

– Она што вчера се случи беше само цивилизирано спротиставување на ставовите во поглед на темата која беше предмет на разговор. Во име на зачувување на мирољубивото и цивилизирано дискутирање, ги молиме медиумите нашите изјави да не ги вадат од контекст а со тоа да не нанесуваат штета и недоверба помеѓу граѓаните на Битола.На медиумите им порачуваме да дојдат и присуствуваат на дебатите организирани од Студентскиот пленум, а со тоа и интегрално и професионално да ги покриваат настаните и дебатите, стои во демантот на Студентскиот пленум.

На скопскио универзитет  денеска продолжија алтернативните предавања. “Слободата на универзитетот да ги утврдува начините на проверки на знаењето на студентите како и слободата на избор на студиските програми и на содржината на одделни предмети, се дел од клучните слободи кои ја градат автономијата на универзитетот, а врз кои власта прави директен упад”- истакна професорката Елена Градишки Лазаревска на денешното алтернативно предавање на Правниот факултет.

Покрај овие, според Градишки важни се и слободата на универзитетот да ги утврдува условите и критериумите за студиите од прв, втор и трет циклус како и слободата на универзитетот да ги определува условите и постапките за избор во наставно-научни, научни и наставни звања.

Според неа, автономијата е суштинско прашање и затоа за решавање на проблемите смета дека треба да се има офанзивен концепт, а не дефанзивен како што во последно време вели дека го спроведуваат универзитетскиот Сенат и ректорот на УКИМ, Велимир Стојковски.

„Јас сум во таа група на професори што сметаат дека одлуките треба да се критикуваат ако се противуставни“, рече Градишки.

Таа вели дека студентите влегле во фаза на преговори каде што не смеат да одат без да имаат цврсти аргументи, а за тоа според неа е потребно да се знае каде точно се врши упад на автономијата.

На предавањето се вклучи и професорот по Уставно право, Светомир Шкариќ кој ги пофали студентите за нивната борба. Тој вели дека имал прилика да биде дел од еден период кога постоела автономија на универзитетот, но според него таа полека „еродира“.

Слични содржини