По 5 часа чекање, Аргентинците го напуштија Бразил по хаосот на натпреварот

од Vladimir Zorba

Дербито на јужноамериканските фудбалски квалификации за Светското првенство во Катар помеѓу Бразил и Аргентина беше прекинато во неделата во третата минута поради прекршување на ковид-протоколот.

Имено, полицијата влезе на терен за да спречи тројца аргентински фудбалери да го играат натпреварот бидејќи го прекршиле правилото за задолжителен карантин, со оглед на тоа што биле во Велика Британија последните 15 дена, пишува Танјуг.

Бразилските здравствени власти не дозволија Кристијано Ромеро, Џовани Ло Селсо, голманот Емилијано Мартинез, како и „резервистот“ Емилијано Буенди, кои играат во англиски клубови, да останат на стадионот и им беше наредено веднаш да ја напуштат земјата, објаснувајќи дека имале „фалсификувана“ документација.

По хаосот што настана на теренот, Аргентинците го напуштија теренот, а 45 минути подоцна беше очигледно дека натпреварот нема да се одигра.

Фудбалерите и професионалното раководство на аргентинската репрезентација, по пет часа чекање на аеродромот во Сао Паоло, го напуштија Бразил.

Се уште не е јасно што ќе се случи следно, а Фудбалската федерација на Јужна Америка (КОНМЕБОЛ) објави дека ФИФА ќе одлучи за исходот на натпреварот по детална истрага.

„Квалификациите за Светското првенство се натпреварување на ФИФА. Сите одлуки во врска со организацијата и развојот на настаните се во исклучителна надлежност на оваа институција. Судијата и делегатот ќе го проследат извештајот до Дисциплинската комисија на ФИФА, која ќе одлучи за следните чекори. Процедурите строго се придржуваат кон постојните правила“, стои во соопштението на КОНМЕБОЛ.

Слични содржини