По „Брегзит“, новите пасоши во Велика Британија се враќаат во сина боја

од Vladimir Zorba

Борис Џонсон го откри долгоочекуваниот нов британски пасош по „Брегзит“, кој по 30-годишна пауза повторно ќе биде во сина боја и ќе биде издаден следниот месец, пренесува „Дејли мејл“.

Премиерот беше фотографиран како држи нов патнички документ на летот за Њукасл на денот кога Велика Британија ја напушти ЕУ, а фотографијата беше распространета од „Даунинг стрит“.

Сините пасоши ќе бидат издадени на крајот на март, но пасошите во бордо боја ќе се користат како приоритет сè додека не се ослободат целосно од нив.

Од нивниот дизајн во 1920 година, британските пасоши се темно сини до 1988 година, кога нивната боја се смени во бордо, во согласност со повеќето пасоши на ЕУ.

Враќањето во темно сината боја го најави пред две години поранешниот министер за имиграција, Брендон Луис, кој рече дека луѓето сакаат да „видат дека нештата се поинакви“ по референдумот за напуштање на Европската унија.

Поддржувачите на „Брегзит“ ја поддржаа одлуката на Луис за повторно воведување сини пасоши – и тие станаа симбол на кампањата „Напушти ја ЕУ!“

Патничките документи беа пофалени од членовите на Европската истражувачка група, вклучувајќи го и водачот на Долниот дом, Џејкоб Рис-Мог.

Претходно, Борис Џонсон го покажа својот нов син пасош за време на забавата, на која се славеше историскиот момент кога Велика Британија ја напушти ЕУ. Бизнис секретарот, Андреа Лидзом објави на Твитер фотографија од Џонсон во која го претстави својот нов патнички документ на поранешната пратеничка на лабуристите и поддржувач на „Брегзит“, Жисела Стјуарт.

Секретарот за внатрешни работи Прити Пател рече: „Напуштањето на Европската унија ни даде уникатна можност да го обновиме нашиот национален идентитет и да исцртаме нова патека во светот. Враќајќи го иконскиот дизајн со сино-златно на британскиот пасош, тој повторно ќе биде испреплетен со нашиот идентитет и не можам да дочекам да патувам со таков“.

Но, имаше и незадоволство, откако договорот за производство на британски патни исправи по „Брегзит“ беше даден на француско-холандска компанија.

Одлуката значеше дека компанијата De La Rue, со седиште во Гејтсхед, која претходно ги правеше, претрпе загуби во договорот и затворени се 170 работни места.

Британците, кои би сакале да ги обноват своите пасоши пред летото, можеби ќе ја пропуштат можноста да добијат син, затоа што прво треба да се користат старите од Европската унија.

Властите велат дека машините за печатење ќе треба да се прилагодат, за да ги печатат пасошите по „Брегзит“, што ќе биде постепен процес. Но, тие се надеваат дека до средината на 2020 година, сите нови пасоши ќе бидат сини.

Но, оние што гласаа за „Брегзит“ и сакаат да добијат нов пасош што е можно поскоро, ќе треба да почекаат да ги обноват своите пасоши до следната година, доколку сакаат да се погрижат да добијат син.

Пасошите, што се уште се во рок, ќе останат во сила се додека не истечат. Сепак, оние што ќе одлучат да патуваат по 1 јануари 2021 година можеби ќе треба порано да го обноват британскиот пасош.

Слични содржини