По извршениот претрес, турската полиција го напушти Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул

од desk4

   Тимот составен од турски полицајци и иследници го напуштија Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул рано изутринава, откако, со согласност на саудиските власти извршија претрес по исчезнувањето на новинарот Џамал Кашоги.

Претресот траеше осум часа и беше извршен во текот на ноќта. Потоа членовите на турскиот тим, придружувани од саудиска делегација заминаа од дипломатското претставништво. Тие зеле примероци од почвата во градината, соопшти турски турски функционер.

Претресот во Конзулатот беше спроведен откако пред десетина дена таму исчезна новинарот и дисидент Џамал Кашоги.

Кашоги (59), кој од лани живее во егзил во САД, е долгогодишен новинар. Тој е ангажиран во „Вашингтон пост“ и е познат по критичките текстови за саудиските власти. Во неговите текстови тој ја критикуваше Саудиска Арабија и поради војната со Јемен и спорот со Канада.

„Вашингтон пост“, чиј соработник беше Кашоги, минатата недела објави дека турската Влада информирала високи американски претставници дека поседува видео и аудио записи, кои докажуваат дека Кашоги бил убиен во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул

Весникот наведува дека снимките укажуваат оти припадници на судиските безбедносни служби го привеле Кашоги по неговото пристигнување во Конзулатот на 2 октомври за да ги обебзеди потребните документи за венчавка, по што го убиле и го расекле неговото тело.

Снимките на гласовите во Конзулатот докажуваат што се случило со Џамал по неговото пристигнување, тврди извор на весникот запознат со содржината на записите, кој побарал анонимност. Изворот наведува дека на снимките може да се слушне како Кашоги бил приведен, сослушуван, измачуван и на крајот убиен.

Постоењето на ваквите записи објаснуваат зошто турските власти веднаш ја обвинија Саудиска Арабија за убиството на Кашоги, но не сакаат јавно да ги обелоденат снимките, бидејќи со тоа ќе се докаже дека Турција ги прислушува странските институции во земјата, наведува „Вашингтон пост“.

Турските власти не ги коментираат извештаите во кои се наведува дека владата на таа земја на американските официјални претставници им соопштила дека има аудио и видео докази дека Кашоги бил убиен во конзулатот.

Саудиските власти тврдат дека Кашоги влегол во конзулатот и набрзо го напуштил, меѓутоа, турските власти и неговата свршеница, која го чекала надвор, тврдат дека тој не излегол оттаму.

Саудискиот министер за внатрешни работи принцот Абдулазиз бин Сауд бин Најеф бин Абдулазиз ги отфрли како „неосновани лаги кои се шират за убиство на новинарот”. Министерот во официјална изјава рече дека Ријад „е поврзан со традицијата на почитување на правилата и меѓународните конвенции”.

Делегацијата на Саудиска Арабија пристигна во петокот во Турција. Анкара се согласи да се формира заедничка работна група со Саудиска Арабија, со цел да се утврдат околностите на исчезнувањето на новинарот.

Слични содржини