По Норис, Мекларен со нов договор и за Пјастри – момчето кое е иднината на Формула 1

од Vladimir Zorba
17 прегледи

Во Мекларен прават се што можат за и двајцата возачи да добијат идентичен третман. Најпрвин Ландо Норис го продолжи договорот до 2027 година, а истото го направи и Оскар Пјастри при пристигнувањето во родната Австралија на првата трка во шампионатот во Формула 1 (недела, 05:00 часот).

Шефот Зак Браун ги врза возачите барем до 2027 година, за да обезбеди стабилност на тимот кој е фаворит за освојување на титулата во 2025. Се чини дека се е на свое место за британскиот тим, покрај тоа што го има еден од најдобрите болиди, ако не и најдоминантниот, за овој почеток на годината – McLaren MCL39. Договорот е важен и за „мир во куќата“. Можноста Макс Верстапен да го напушти Ред Бул предизвика верижна реакција во Формула 1, како и влезот на Кадилак во шампионатот од 2026 година. На Браун му беше јасно дека ќе дојдат со вреќи полни со пари во боксот и не сакаше Ландо или 23-годишниот Оскар да паднат во искушение.

Пјастри ја имаше својата дебитантска сезона во Ф1 во 2023 година, но блесна минатата година. Својот прв триумф го забележа на 21 јули 2024 година во Унгарија, станувајќи 115-ти возач кој победил на трка во Формула 1, прв роден во 21 век. Потоа славеше во Азербејџан и му помогна на Норис да го води Мекларен до титулата кај конструкторите. Тој беше на подиумот и во Монако, Австрија, Белгија, Монца, Сингапур и Катар, каде победи и во спринтот. Сепак, еден важен факт го издвојува од сите други – тој беше единствениот возач кој го извозе секој круг во 2024 година.

„Прекрасно е чувството да се знае дека сум дел од долгорочната визија во Мекларен. Тимот веруваше во мене кога го потпишавме првиот договор за 2022 година, а патувањето што го направивме во изминатите две сезони за да му помогнеме на Мекларен да се врати на врвот беше неверојатно. Затоа сум многу горд што ќе продолжам да возам за овој легендарен тим. По минатогодишните фантастични достигнувања, уште повеќе сум нетрпелив за да започне новата сезона“, изјави Пјастри по поводот.

Слични содржини