ПО ОДЛУКАТА НА ДИК: Хоџа се заканува со уривање на владата

од Берта Китинска

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, од редовите на БЕСА кој е дел од владината коалиција на својот „Фејсбук“ профил се закани со растурање на владата.

– Желино, во кое се роди една партија (како движењето БЕСА), може да биде и Желино кое растура една Влада, објави тој на социјалната мрежа.

ДУИ до Државната изборна комисија поднесе два приговори за Општина Желино со објаснување дека отпечатоците од прст не се совпаѓаат со бројот на гласачите и дека граѓанин гласал со неважечка лична карта. На тоа ДИК одлучи да биде отворена избирачката кутија за да се утврди дали граѓанинот гласал со неважечка лична карта на избирачкото место 2107, а потоа, како што наведува Комисијата, да се утврдат неправилностите со гласањето со отпечаток од прст.

За да утврди дали имало неправилности ДИК побара од ОИК од Желино да и достави посебни обрасци на избирачките списоци со решенија за запишување на посебно избирачко право.

Во Желино кандидатот за градоначалник на Беса, Блерим Сејди, освои 5.171 гласа, а неговиот противкандидат од ДУИ, Фатмир Изаири, освои 5.102 гласа. Разликата е само 69 гласа.

Во вториот круг од локалните избори Движењето Беса, кое е во коалиција со СДСМ на премиерот Зоран Заев, мораше да коалицира со опозициската ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво и со Алијанса за Албанците (АА) на Зијадин Села за да ја добие битката во трката за градоначалник на Тетово од ДУИ и Али Ахмети, чиј кандидатка Теута Арифи ја имаше поддршката од сите партии во владејачката коалиција, од СДСМ до ДПА на Мендух Тачи.

Слични содржини