По повеќе од осум месеци во притвор, Мијалков на слобода

од Берта Китинска

Апелацискиот суд ја прифати жалбата на одбраната на Сашо Мијалков, поранешниот шеф на УБК, за притворот во случајот „Плацеви на Водно”.

Гаранцијата за тоа дека нема да бега е 11 милиони евра во имот. Оваа гаранција веќе беше понудена и за притворот во случајот „Трезор”. За овој случај Мијалков доби првостепена пресуда од осум години затвор.

Поранешниот директор на УБK вчеравечер откако излезе од Истражниот затвор во Шутка, кусо одговори: „Не бегам, нема зошто да бегам“. Автомобилот на Мијалков, заедно со неговото обезбедување, биле паркирани пред главниот влез на затворот.

Алијанса за Албанците излезе со своја рекација.

Судството контролирано од режимот СДСМ-ДУИ успеа да триумфира против правдата и граѓаните, велат од Алијанса за Албанците, како реакција на денешното пуштање од затворски притвор на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

„Главниот партнер на овој режим, со одлука од Апелациониот суд конечно е пуштен на слобода. Овој ден ќе се памети како најцрниот ден за правдата во земјата“, се навадува во партиската реакција.

Од партијата на Зијадин Села бараат министерот и заменик министерот за правда, Бојан Маричиќ и Агим Нухиу под итно да ги напуштат нивните позиции и да му се придружат на, како што велат, нивниот пропаднат шеф, Зоран Заев.

„Ги уверуваме соучесниците во криминалот и челниците на овој режим дека многу брзо ќе дојде денот и ќе одговараат за секој криминал и неправда кон државата и нејзините граѓани“, порачуваат од Алијанса за Албанците.

Мијалков од април до сега беше во затворот каде мерката притвор ја издржуваше сам на барање на одбраната.

Слични содржини