Почеток на кампањата ,,Поттикни МИР” на првата детска амбасада во светот Меѓаши

од Andreja Salpe
Првата детска амбасада во светот Меѓаши започна кампањата под мотото „Поттикни МИР“ , која се фокусира на преземање акција и поттикнување промена на локално и индивидуално ниво.
,,Секој од нас има општествена одговорност да го гради и одржува мирот. Мирот може да се гради само ако прифатиме дека мирот не е само отсуство на војна, ниту дека е моментна состојба туку константен процес кој директно зависи и од нашите акции.” – велат оттаму.
Дали живееме во мир, како го препознаваме, чија одговорност е мирот, како да градиме подобро општество за сите, се само дел од прашањата што ги обработува првата детска амбасада во светот Меѓаши.
,,Глобалната пандемија ги изнесе на виделина и одново ги нагласи проблемите со кои се соочува човештвото, а донесе и сосема нови предизвици и проблеми. Чувствувајќи се затечени и преплавени со глобално лошата состојба, на сите нас повеќе од било кога ни е потребно заедничко дејствување, конструктивност, акција и добри дела за да ја подобриме состојбата барем делумно и да се охрабруваме да градиме заедничка подобра иднина . Ви ја претставуваме кампањата Поттикни МИР со желба заедно да дискутираме и размислуваме за прашања поврзани со мирот но и да поттикнеме заеднички и индивидуални акции кои би придонеле кон градењето мир. Мирот не е само отсуство на војна, ниту моментна состојба туку константен процес кој директно зависи и од нашите акции. Целта на кампањата е да поттикнеме активности кои ќе ги промовираат вредностите како што се: еднаквоста, одговорноста, дијалогот, ненасилството, емпатијата, социјалната правда итн., односно ангажирајќи се на овие полиња, секој/а да даде свој придонес кон градењето мир и општествената промена. Во таа насока, оваа кампања се фокусира на човековите вредности и преземање акција, поттикнување промена на локално и индивидуално ниво.” – стои во соопштението на првата детска амбасада во светот Меѓаши

Слични содржини